Заев оптмист дека Грција ќе го ратификува договорот

Премиерот Заев има доверба во грчкиот премиер, Алексис Ципрас, но и во грчкиот народ, во нивната опозиција, па дури и во министерот Каменос, дека ќе му дадат шанса на Договорот од Преспа. Верува дека тој ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент иако и самиот не може со сигурност да гарантира дека на последното гласање кај нас ќе има потребно мнозинство. Но, вели дека ќе го даде својот максимум, процесот да заврши успешно кон средината на јануари, откако беше утврдена и финалната верзија на уставните амандмани.

Спротивно на овие очекувања, вчера грчкиот министер за одбрана, Панос Каменос, најави дека ќе си поднесе оставка веднаш штом се изгласаат измените во Македонија.  Кај соседите повторно врие и откако премиерот Ципрас за  вечерва најави обраќање во Солун на тема „ДА за Македонија на демократијата и солидарноста – НЕ за омразата и национализмот“. Истовремено, во Атина ќе почне 12-от Конгрес на опозициската конзервативна партија Нова демократија со говор на  претседателот Кирјакос Мицотакис. Двата паралелни настани се причина за нови меѓусебни препукувања и остри обвинувања на тема – Македонија. Во меѓувреме, граѓански организации повикуваат на собир пред Белата кула за да протестираат против Договорот.

Последното истражување на јавното мислење во Грција, објавено од информативниот портал „Реал“, покажува дека пет од 10 Грци сметаат дека договорот ќе биде ратификуван од грчкиот Парламент. 7 од 10 Грци, пак, за Договорот се изјасниле негативно и сметаат дека тој во иднина ќе создаде сериозни проблеми.

 

Далиборка Дамјанска Цветановска

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ