
Заев: Никој не побарал промена на името на МПЦ – За Тимотеј името Охридска архиепископија е прифатливо
Владата го објави писмото кое премиерот Заев му го испратил на вселенскиот патријарх Вартоломеј во кое освен молба за помош за решавање на канонскиот статус на црквата никаде не е наведено ниту името МПЦ-ОА, ниту бришење на зборот македонска.
И од Синодот на МПЦ-ОА ги негира сите информации дека од Вселенската патријаршија било побарано такво нешто.
Во писмото Заев бара мудрост и разум за изнаоѓање на решение за проблемите кои со години го измачуваат Православниот свет. Премиерот од собраниската говорница објасни дека неговата молба била дополнување на барањето на МПЦ.
„Замолницата е да помогне во долгогодишниот проблем и неговото решавање. Секако тоа е во координација со Македонската православна црква. Барањето е патријаршијата преку Светиот синод да донесе одлука и конечно да помогне со признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Секако, веруваме дека Патријаршијата сето тоа ќе го направи со другите помесни цркви, како што е редот, и апсолутно кога се обраќаат црквите кон Патријаршијата се обраќаат и со политички аспект и затоа дополнително на тоа писмо што Светиот синод на МПЦ – ОА го направи, јас испратив писмо за поддршка. Светиот синод да го разгледа ова прашање и да и помогне во неговото решавање“, рече премиерот.
„Никој ниту побарал ниту некој може да го смени името на Македонската православна црква. Не е тема на дилема или на дебата името на МПЦ“, потенцира премиерот Заев пред Собранието.
Сепак на својот сајт Влесенската партијаршија објави дека го разгледуваат барањето на македонската црква во канонски поредок да влезе под името Охридска архиепископија. Црковни извори појаснуваат дека всушност станува збор за еклисиолошко име, а не име на национална основа. Така на пример, СПЦ во регистарот на Вселенската партијаршија во Цариград е заведена како Пеќка патријаршија, потоа стои – Православна Црква во Грција, а не грчка црква. Па оттука и согласувањето на портпаролот на МПЦ – ОА, владиката Тимотеј дека е прифатливо името Охридска архиепископија.
Од Синодот за Телма велат дека деновиве ќе се координираат и јавно ќе ги објаснат своите позиции во напорите за признавање на статусот на МПЦ од целата православна икумена.
Ова ја разбранува и грчката јавност. Катимерини пишува дека оваа иницијатива е важна бидејќи во ноември мнинатата годинакога МПЦ побара од бугарската црква да и биде мајка црква, тоа предизвика реакции и негодувања од страна на Вселенската патријаршија и Патријаршијата на Србија.
Ставот на Вселенскиот патријарх Вартоломеј е јасен дека “Вселенската патријаршија е мајка на балканските цркви”.
Билјана Ставрова