
Заев: „Ние преземавме одговорност, сега е ред на ЕУ„
Проширувањето на Унијата не било тема на Конференцијата за Западен Балкан во Берлин, но премиерот и министрите велат дека, преземале одговорност за себе и за регионот и дека е сега време и Европската Унија да преземе одговорни чекори. Договорот со Грција бил потенциран како модел со кој, на европски начин се решаваат балкански проблеми.
Вицепремиерот Бујар Османи, пак, на брифинг со новинарите рече дека нема дилеми околу загарантираната европска перспектива на Македонија. Сепак, укажа дека се можни и технички пречки за добивање на датум за преговори во јуни, како што е краткиот рок за усвојување на извештајот на Европската комисија.Смета дека последици за нашата евроинтеграција може да има и неуспешен втор круг на претседателските избори, затоа повика в недела да се излезе масовно на гласање. И министерот Димитров, смета дека немаме луксуз да оставиме оправдување за да не добиеме датум. Рече дека Франција се` уште нема јасен став за проширувањето, но се надева дека од 3 до 7 јуни европските земји ќе го разгледаат извештајот и ќе добиеме позитивна оценка. Двајцата очекуваат најпозитивен извештај досега, но велат дека проширувањето зависи и од изборите во Европа. За ЕУ, велат, во моментов е поважен поширокиот контекст, отколку нашите реформи. Сепак, нагласиле дека, ако не добиеме датум за сите работи кои се завршени, тогаш и другите земји од регионот доближувањето кон ЕУ ќе го гледаат како нешто безвредно, бидејќи недостига наградувањето за трудот и постигнатиот успех од земјите аспиранти. Меѓу заклучоците не неформалниот состанок била потенцирана и важноста од постигнување на конечен договор меѓу Србија и Косово, како нов важен придонес кон регионалната стабилност. Државите учеснички се договориле и да ги интензивираат активностите за основање на регионална економска зона, да останат посветени на Берлинскиот процес и да ги поддржат иницијативите за инфраструктурна поврзаност, слободна трговија и младински размени.
Заклучок е и дека Франција го зголемува присуството во регионот, преку повеќе фондови и техничка помош. За ова стигна потврда и од француската амбасада, која денеска ја објави стратегијата за иднината на Западен Балкан. Во неа стои дека, за трајна стабилизација се потребни бројни реформи, пред се` да се решат меѓудржавните спорови и безбедносните прашања и да се постигне економски и социјален развој.
Далиборка Демјанска