Заев: Некои работи во преговорите се придвижени

Премиерот Зоран Заев открива дека македонската и грчката страна на вчерашните преговори во Виена ги приближиле ставовите за три, од седум точки од предлогот на медијаторот Метју Нимиц за решавање на спорот со името. Шефовите на дипломатиите Димитров и Коѕијас прв пат влегоа во суштински преговори откако претходно само ги образлагаа позициите на двете држави. Иако усогласени средбата ја одржаа во најголема тајност, премиерот Заев кажа дека не сака да открива детали за да не излезе дека се преговара преку медиумите, но сепак кажа дека има некакво приближување за полесните прашања и дека треба да се даде шанса на процесот.

„Ако тргнеме од некои седум позиции кои беа појдовните точки на разговорите, знам дека веќе е намалено на четири позиции, три се отстранети. Јас верувам дека со политиката на новата Влада многу брзо ќе можат да се отклонат и другите позиции. Веројатно тие беа најлесните, но добро, тоа е сигнал за нас и охрабрување за грчката страна дека е можно да се изнајде решение. Секако, суштинските позиции се многу значајни, името, уставот дали ќе се менува или не, јазикот и други работи кои таму се спомнуваа. Тоа е суштината на самиот преговарачки процес и можноста за изнаоѓање на решение“, оцени Заев. 

Заев не кажа дали е договорена географска одредница како решение за името, но потврди дека е отфрлена можноста за временска одредница. Не одговори директно дали е можно да се менува македонскиот Устав, доколку се дојде до решение. Тој останува оптимист дека ќе се дојде до решение и повтори дека сигурно ќе биде ставено на референдум. Ако се дојде до решение тое ќе биде ставено во меѓународен договор, како што најави и грчката страна.

„Едно од тие скицирања е и нацрт верзија за меѓународен договор, спогодба меѓу двете страни, што секако на крајот се надеваме дека треба да биде ратификувана во парламентите. Но не да заборавиме, дека што и да се разговара, на билатерално или на министерско и премиерско ниво, се враќа кај Нимиц, затоа што процесот е предводен од ОН, преку медијаторот и на крајот мора да ги има правно-формалните импликации во ОН“, рече Заев.

За овој меѓународен договор пишуваа и грчките медиуми повикувајќи се извори во владата. Според Прото тема иако грчката Влада инсистира на име ерга омнес, а македонската дека не се можни уставни промени. Решението би било меѓународен договор депониран во Обединетите нации, а гранции за неговото почитување се содржани во членот 118 во Уставот. Според овој член Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“. Со тоа би биле задоволени барањата и на двете држави за неменување на Уставот и употребата на договореното име. Но засега нема официјална потврда за овој договор.

Сања Васиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ