
Заев најавува зголемување на парламентарното мнозинство
Почнуваат разговори за окрупнување на парламентарното мнозинство. Премиерот Зоран Заев најавува дека ќе почне разговори со сите опозициски партии освен со ВМРО ДПМНЕ. Од нив очекува поддршка за реформите, интеграциите и за изградба на „едно општество за сите“.
БЕСА подготвено ја чека од Заев поканата за влегување во Владата. Иако и до сега даваа поддршка за дел од Владините проекти, конечната одлука ќе ја донесат во зависност од понудата.
Гаши говори во името на тројца пратеници од таканареченото „скопско крило“, но сосема е веројатно дека и двајцата пратеници од „тетовското крило“ би прифатиле добра понуда.
И Алијансата за албанците не ја отфрла целосно можноста за враќање во Владата, особено ако на тоа инсистира меѓународниот фактор. Алијансата секако ќе дава поддршка за законите поврзани со евро-атлантските интеграции и со реформите, но од друга страна смета дека е потребно окрупнување на опозициските партии на албанците за да укажуваат на корупцијата и пропустите во работата на владеачката ДУИ. Тројцата заменици министри од оваа партија, иако поднесоа оставки, се уште фигурираат во кабинетот на Заев бидејќи Собранието не ги разреши а премиерот не даде нов предлог.
Во реконструираната Влада веројатно ќе влезе и ДПА, со целосна поддршка на ДУИ. Маната на ова владеачко проширување е што реално со себе носи само еден пратенички глас, ако се земе предвид дека Мендух Тачи воопшто не доаѓа на работа, па не гласаше ниту за Законот за јазиците.
Доколку сите партии на албанците станат дел од владеачкото мнозинство, теоретски, тоа ќе значи поддршка од 71 пратеник. Познавачи не исклучуваат поединечно да се придобие уште некој пратеник од помалите опозициски партии.
Во моментот, Владата ја поддржуваат само 62 пратеника. Тоа носи видливи проблеми со кворумот и неможност да се одржуваат седници во случај на службени патувања или приватни отсуства дури и на само двајца пратеници.
Соња Николовска