
Заев најавува можни избори на 25 ноември и пржинска влада, едно со друго правно не оди
Од утре започнуваат разговорите со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за постигнување договор за двотретинско мнозинство кое е потребно за гласање на уставните измени. Доколку нема компромис ќе се распишат предвремени парламентарни избори, кои евентуално би се одржале на 25 ноември. Премиерот Заев е убеден дека државата има капацитет да ги спроведе изборите почитувајќи го претходно договореното со ВМРО-ДПМНЕ за формирање техничка Влада.
Заев оценува дека во сегашната ситуација сите политичари треба да покажат зрелост а превремените избори ќе помогнат да се обезбедат доволен број пратници кои ќе гласаат за уставните измени.
Доколу изборите би се одржале на 25 ноември, тогаш Собранието треба да донесе одлука за нивно распишување на 10 октомври. Кај предвремените избори, роковите кои се пропишани со Изборниот законик се кратат за пет дена, освен за кампањата која мора да трае 20 дена. Со измените на Законот за Влада кој се усвои летово, партиите се обрзаа на сто дена пред избори да изберат техничка Влада која ќе ги спроведе изборите, предводена од нов премиер кој го предлага најголемата политичка партија што формира мнозинство, или во конкретниот случај тоа е СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи технички министри во министраствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, а заменици министри во финсии, земјоделство и информатичко општество.
Но денешната изјава на премиерот остава дилема – како ќе се спроведдат вонредни избори на 25 ноември, а при тоа тој да си го одржи зборот, како што рече, за техничка влада?
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа навести дека нема да даде подршка за уставните амандмани, но беше воздржан на прашањето дали би излегол на вонредни избори, особено со скратени рокови бидејќи токму техничка влада по пржински принцип беше еден од неговите главни услови што во текот на јули се водеа меѓу власта и опозицијата.
Неизвесно е и дали со предвремените избори ќе се обезбедат 82 пратеници кои ќе ги подржат уставните измени. Одлуката за измена на Уставот ја носи Собранието повторно со двотретинско мнозинство а целата постапка може да трае и неколку месеци. За нив ќе се води дебата во матичната комисија за уставни прашања а ќе има и јавни расправи на кои ќе организираат државни институции и интелектуалци.
Јулијана Пешевска