
Заев најавува можна реконструкција на Владата напролет
Премиерот Зоран Заев најави можна реконструкција на владата напролет. Во интервју за „Призма„, вели дека ќе има промени во инситуциите,како и смени на министри, директори и државни секретари а „рекапитуларот“ по десет месеци од изборот на Владата, може да предизвика и нејзина реконструкција.
Заев нема информација до каде е предистражната постапка на Основното јавно обвинителство за „двајца пријавени функционери од власта“, за кои пред неколку месеци јавно кажа дека има индиции за вмешаност во коруптивни дејства.
За критиките дека, од една страна се форсираат партиски решенија на власта, а од друга – се продолжуваат мандатите на таканаречените „режимски кадри“, вели дека, сака да испрати порака дека правот на политички поделби треба да спласне и дека смета на се’ што има капацитет во државата. Тврди дека огромен број на институции и регулаторни тела, не се чепнати и нема ниту да бидат, освен ако нема причина во делот на законитоста на работењето, етиката и слично.
Задоволен е од тоа како дел од нив си ја вршат работата професионално. За тие кои се синоним за незаконско работење во мандатот на претходната власт, а би можеле и понатаму да влечат штетни потези, вели дека засега се „блиндирани“ со законите. Се чекаат нови закони за институциите да станат незавсност од извршната власт или други центри на моќ.
Вели дека актуелните закони се така направени, буквално за стогодишно владеење. Неговите коалициони партнери од власта велат дека не разговарале со премиерот за можните кадровски промени, но дека законот му дозволува тој и самиот да направи промена доколку смета дека е потребна.
Далиборка Дејманска