
Заев на прием кај кралицата, утре од Санчез ќе бара одговор кога Шпанија ќе го ратификува македонското членство во НАТО
Северна Македонија е 30 членка на НАТО на 70-годишнината од формирањето на Алијансата, ова е мотото под кое настапуваат членовите на државната делегација и пред врвот на НАТО и пред новинарите овде во Лондон, а истото мото е содржано и на беџот со кој се закитени премиерот Заев и министрите Шекеринска, Димитров и Османи на кое меѓу симболот на НАТО, државното знаме стои бројката 30.
И навистина на и од лидерскиот самит во Лондон ќе биде така, Македонија утре ќе биде на масата покрај редовните членки и ќе може да дебатира за темите кои ќе се разговараат, ќе расправа како членка на НАТО, со една разлика, нема да има право на глас доколку за тоа утре се покаже потреба.
Но друга работа ќе се случи утре, премиерот Заев потврди дека ќе се сретне со мандатарот на новата шпанска владина коалиција.
Кралството Шпанија е единствената земја членка на НАТО која поради политичка криза и неможност да формира стабилна влада досега не го ратификувала македонското членство во Алијансата.
Сега по последните избори, во Мадрид е конституиран парламентот и Заев очекува добри вести од Санчез иако не очекува информација за конкретен датум кога Македонија ќе го добие последното “да” за столче и рамноправност во НАТО.
На брифингот со новинарите Заев тврди дека нема да има пролонгирање на 12-ти април како ден за избори во државата, но посакува и очекува дека сите заедно, мислејќи на народните избраници без разлика на политичката боја заедно во Собранието во Скопје- по шпанското да – ќе изгласаат и конечна ратификација и пристап во НАТО.
Вицепремиерката Шекеринска пак пред новинарите рече дека добро е што државата по сите реформски зафати успеа да влезе во алијансата која полека ја затвора вратата за нови зачленувања затоа што и НАТО разгледува промена во пристапот на проширувањето.
Сепак сите очекуваат дека не само НАТО туку и Европската Унија ќе попушти пред реформските процеси во Македонија, иако минатиот месец на таа адреса државата доби големо не, со француски бои.
Тоа беше и прашањето на утринската сесија на конеференцијата Енгејџ каде Заев зборуваше, но многумина ги интересираше како е прифатена одлуката на Европската Унија. .
Вечерва сите лидери дојдени во Лондон беа на свечениот прием кај кралицата Елизабета 2-ра во Бакингемската палата. По денешните првични искри особено на релација Макрон-Eрдоган околу сириското прашање, утре лидерите ги чека дебата.
На неа Северна Македонија рамноправно ќе учествува, но големите сили ќе расправаат за своите видувања како да се справат со предизвиците Русија и Кина, како да ја поуспешат борбата против тероризмот, како сите држави да стигнат до 2 проценти од БДП дадени за одбрана како што налагаат НАТО критериумите.
Македонија до таа цифра треба да стаса до 2024-та, а сега издатоците за одбрана се на ниво од 1,4 проценти од БДП. Бројките треба да се стигнат во блиска иднина, а актуелниот самит од министрите кои се тука е прогласен за историски кој треба да донесе и економски напредок.
Миомир Серафиновиќ