Заев на ГС на ОН: Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во Светската организација

Конечно ја комплетиравме нашата лична карта во ОН. Покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои: македонски јазик, а за државјанство: македонско/граѓанин на Република Северна Македонија. Сега имаме исклучително добри односи со Грција, и со тоа придонесовме да зајакне регионалната стабилност и да се поттикне развојот на Западен Балкан, порача премиерот Зоран Заев на македонски јазик во своето обраќање на пленарната сесија на 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк. Спогодбата од Преспа, нагласи Заев, заедно со Договорот за пријателство со Бугарија, го забрза нашето интегрирање во НАТО и ги отстрани најголемите пречки за наша интеграција во ЕУ.

– Сакам овде да подвлечам дека сме благодарни на ОН за целата поддршка, што најмногу се виде преку 20-годишната посветена и неуморна работа на Метју Нимиц, Специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, кој работеше со нас на изнаоѓање на решението. Веруваме дека Спогодбата од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот и дека е корисен пример за многу други отворени прашања, потенцираше Заев.

Во продолжението на своето обраќање пред претставниците на државите и народите од светот, премиерот Заев нагласи дека годинашното Генерално собрание повторно повикува на обединување на нациите во борбата за мир, демократија, човекови права, владеењето на правото и одржлив развој.

-Светот е на крстопат и затоа потребна ни е посилна Организација на Обединетите нации, која ќе застане зад сите и ќе испорача резултати за сите. И никого да не остави зад себе. Во свет обременет со несигурност потребен е меѓународен поредок заснован на правила, делотворен мултилатерализам, истакна Заев од говорницата на ОН во Њујорк.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ