
Заев: Македонија нема докази за руско влијание врз референдумот
Македонија нема докази дека некоја земја од надвор прави напори да влијае врз референдумот во земјава, вклучително и Русија. Премиерот Зоран Заев денеска информираше дека владата нема идентификувано земја која преку лажни вести сака да влијае врз граѓаните. Изјавата на Заев доаѓа по низата предупредувања кои изминативе месеци доаѓаа од сојузниците во НАТО, за руско влијание во земјава со цел попречување на процесот на пристапување во Алијансата, вклучително и врз исходот од референдумот.
„Немам јас докази за некое руско влијание овде. Руската Федерација е пријател на Македонија и таа нема ништо мпротив интеграцијата на Македонија во ЕУ, но многу отворено е против нашата интеграциија во НАТО и тоа го кажуваат многу јасно“, изјави Заев.
Заев од конференцијата за медиумите во Западен Балкан во организација на Европската комисија, утрово меѓу другото посочи дека лажните вести се најголем поткопувач на владеењето на правото, реформските процеси и поттикнувач на насилство.
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан лажните вести пак ги поврза со претстојниот референдум, велејќи дека точно известување за содржината на Договорот за името и последиците од гласањето, им помага на граѓаните да донесат добра одлуки. Тој упати и барање до граѓаните.
„Можам само да побарам сите граѓани да учествуваат во референдумот, секој глас се брои и затоа е многу одлучувачки да се учествува и да го искористите своето демократското право“, рече Хан.
За слободата на медиумите Хан подвлече дека нема да има пристапување на земјите во ЕУ без почитување на слободата на медиумите. Конкретно за земјава, тој се надева дека Законот за медиумите, кој е во собраниска процедура, ќе биде донесен на време и на соодветен начин. Потенцираше и дека нема слободни медиуми без независно судство.
За Заев слободата на медиумите е во новинарската саморегулација, но и во почитувањето на професионалните стандарди. За нерешените случаи на напади врз новинари поради несоодветно водење истраги од страна на полицијата и бришење на докази, Заев рече дека трипати имал средба со МВР и оти внатрешната контрола веќе раговарала со некои полициски началниците за тоа.
Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Харлем Дезир, посочи дека Западниот Балкан бележи значителен напредок во слободата на медиумите, споредено со пред 10 години, но оти уште постои неприфаќање на улогата на медиумите како критичари на општествените процеси и чувари на демократијата. Тој побара политичарите да се воздражат од изјави кои можат да ја загрозат безбедноста на новинарите и да бидат казнети оние кои организирале или извршиле напад врз медиум или новинар.
Тамара Грнчароска
https://youtu.be/I1kCzhWYYIU