
Заев : Лондонскиот самит на НАТО се одржува со 30 земји членки
Премиерот Зоран Заев пред почетокот на лидерскиот состанок на земјите членки на НАТО за МИА изјави дека ова за него претставува историски момент, кога за прв пат Северна Македонија ќе седи на своето место, како земја членка на Алијансата.
– За мене ова е историски момент затоа што дефинитивно седумдесетгодишнината на НАТО, се одржува со триесеттата членка, изјави Заев за МИА.
Пристапниот протокол е сега потпишан од сите земји членки освен Шпанија, од технички причини поради предвремените избори во оваа земја.
Се очекува Шпанија да го ратификува пристапниот протокол во наредните два месеца, но знамето на Северна Македонија веќе се вее заедно со сите други 29 земји членки на Алијансата, а премиерот Заев ќе седи рамо до рама на маса со сите други лидери и ќе присуствува на целиот состанок, за разлика од минатата година.
-Ние ќе седиме на главните состаноци со сите лидери, јас имам свое обраќање како што ќе имаат сите други лидери, ова е историски момент, очекувам дека нашиот народ во Република Северна Македонија ќе биде среќен за овој историски момент, ја постигнуваме една од двете најголеми стратешки определби на нашата земја, која значи траен мир, слобода, демократија, но значи и безбедност, сигурност и веднаш потоа инвестиции и повисоки плати и повеќе надеж за младите да останат во државата, рече Зоран Заев.