
Заев: Изградбата на хидросистемот Конско реализација на долгогодишната потреба на граѓаните
Премиерот Зоран Заев, министерот за земјоделство Љупчо Николовски заедно со претставници на турската компанија „Адали Холдинг“ денеска во селото Конско кај Гевгелија со го означија почетокот на изградбата на хидросистемот Конско.
„Секогаш ми претставува посебно задоволство кога Република Македонија преку Владата вложува во нови капитални инвестиции и објекти кои директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, но задоволството е уште поголемо кога се најавува реализација на дамнешна желба и потреба на граѓаните од овој крај која е стара речиси 40 години“, рече премиерот Заев на почетокот од своето обраќање.
Владата на Заев денес отпочнува изградбата на браната Конско, уште еден проект кој беше изготвен од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, што говори дека оваа власт е неспособна и безидејна да подготви вакви капитални проекти, обвинија од опозициката партија.
„Проектот во фаза на подготовка беше завршен од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во период 2010-2015, во кој период беа завршени сите фази од основен проект, студии за оцена на влијание врз животна средина, па се до избор на најповолен изведувач. Отпочнувањето на изградбата на браната Конско е уште една потврда за правилната политика водена од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, додаваат од партијата.
Јавноста треба да знае дека претходната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, го склучила договорот за браната Конско без при тоа да се обезбедат сите потребни документи и дозволи за почеток на градбата, реагираа од СДСМ. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ еднаш го поништила тендерот за подоцна да склучи договор за 30 отсто повисока сума, а иако договорот бил склучен, точно три години години ништо не се работеше на браната Конско.