
Заев испрати порака за помирување за 27 април и ги повика пратениците да гласаат за уставните измени
Премиерот Зоран Заев во своето обраќање пред пратениците на почетокот на седницата на која на дневен ред е Предлогот за пристапување кон уставни измени, повика пратениците да гласаат за уставните измени за земјата да влезе во НАТО и во ЕУ и на помирување помеѓу политичките партии за насилствата во Собртанието од 27 април.
„Тежината на историската одлука и на одговорноста лежи врз плеќите на сите нас, но денес најголемата одговорност е во вашите раце. Секој пратеник денеска го има во рацете клучот на тој избор, клучот за историската одлука. Ги повикувам оние кои се уште се сомневаат кој е вистинскиот избор или ако мислат дека треба да се определат за оној другиот избор ако воопшто изолацијата и неизвесноста можат да бидат избор, ги повикувам тие што се двоумат да мислат и размислуваат оти нема повредно нешто за мислење“, рече Заев пред пратениците повикувајќи ги да погледнат во иднината на генерациите.
Другиот избор, според него, ќе не фрли во изолација и неизвесна иднина, ќе ни донесе несигурност и сиромаштија и што ќе ни ги врати и со уште поголема жестина политичките трауми што ги доживеаме сите овие 27 години независност, а посебно последните години.
Гласот за европската иднина на нашата заедничка земја Република Македонија, како што кажа, ќе ја однесе напред Република Македонија во полноправно членство во НАТО и во ЕУ. Повика политичките разлики и делби да бидат оставени надвор од законодавниот дом и пратениците да ја следат волјата на народот за подобар живот за секого, за напредна Македонија.
„Време е да ги тргнеме настрана партиските политички игри и да го издигнеме пред нас нашиот заеднички национален интерес. Ако некој во политичките партии не е подготвен за овој голем чекор и со тоа да излезе од темната сенка на сопственото минато, јас ја користам приликата да го повикам секој пратеник да го направи единствениот јасен логичен и одговорен избор за нашата иднина“, рече Заев.
НАТО и ЕУ се ретка или можеби единствена работа што сите во Македонија не обединува. Многу се поделивме политички пред се низ годините. Се омразивме, се закрвавивме, брат со брат не зборат заради пусти политички партии, заради однесување на поединци во политиката, рече Заев, според кого крајно време е да им се каже стоп на поделбите.
Премиерот кажа дека ова е одличен момент за помирување на пратениците и политичките партии за поделбите, кои кулминираа со насилството во Парламентот од 27 април.
„Ќе се испоубиевме пред очите на сите. Крвавите слики стигнаа до сите насекаде, а поделбите станаа најголеми се до граѓаните во сите села и градови. Еве прилика да си простиме. Да кажеме доста е. Да покажеме дека учиме од грешките и дека сме пред се луѓе, браќа и сестри, роднини и пријатели во нашата мала заедничка Македонија“, рече Заев.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето за дневниот ред побара точката да биде симната бидејќи, како што кажа, ова прашање нема ниту изборен, ниту референдумски кредибилитет. За предлогот на Димовски гласаа 39 пратеници, а против беа 67. Во својот говор пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека Владата со Договорот од Нивици излегла од својот мандат за прашањето за името, според него, произлегува од Резолуцијата од 2008 година.
„Собранието сега треба да констатира дека предлогот е неприфатлив и да се вратиме на документите од 2008 година, кои се последните релеватни од правен аспект“, рече Димовски, кој потенцира дека ова не е вистинската патека по која тргнала Владата.
Алтернативи за решавање на ова прашање, кое е поврзано со влезот во НАТО и во ЕУ, според него, има.
Павле Богоевски, независен пратеник, дек од пратеничката група на СДСМ, смета дека незадоволството на ВМРО-ДПМНЕ произлегува од фактот дека некој друг го решил прашањето за името. Од говорницата му забележа на Димовски, дека зборува за алтернативи, но оти не кажува кои се тие, а цитираше и дел од програмата на опозициската партија во делот на референдумот за името.
Димовски реплицираше дека алтернативата е да се одземе легитимитетот на Владата бидејќи излезе од мандатот и да се побара членство во НАТО и во ЕУ до решавање на прашањето за името без право на глас.