Заев и Мицкоски со политички пораки од дистанца

Од Куманово на марш и од Скопје од Македонската опера и балет, лидерите на двете најголеми партии во земјава одбележувањето на претстојниот ден на жената го искористија да пратат и политички пораки во јавноста.

Премиерот Заев порача дека завршило времето на политичарите деспоти во земјава, тие рече, мора да заминат во заборавот. Новата Влада државава ја затекнале како земја која згаснувала по сите можни прашања, па сега се уште мора да се справуваат со рецидивите од минатото. Граѓаните чувствуваат дека работите доаѓаат на своето место, но има и критики и од опозицијата и од довчерашните поддржувачи.

Но, она што сигурно го знам е дека сите наскоро ќе се уверат е дека Македонија оди по вистинскиот пат. Тој се осврна на преговорите за името, рече дека порано само на на митинзите се слушало името не го даваме, а дека тајно се договарала промена, како и поголема употреба на јазиците со дефокусирање на јавноста. Заев вети дека отсега намерите на Владата ќе се кажуваат отворено, бидејќи и кај нас и во целиот регион е време, како што рече, да се фати возот кон светот што напредува. Време е за големи чекори и храбри потфати кои ќе не избават од мрачното минато и ќе не придвижат кон светлата иднина. Нагласи дека заедно сите, и жени и мажи и различни етнички заедници, од земјава создадоа едно општество за сите.

Само неколку часа подоцна, политичкиот конкурент, Христијан Мицкоски истури жестоки критики врз владта на СДСМ. Тврдеше дека ВМРО-ДПМНЕ се соочува со политички терор, кој резултирал со притвори, меѓу кои има и и жени, пред се мајки како пратеничката Жаклина Пешевска, која присуствуваше на настанот. На пратениците им доделија притвор, па дури потоа им го симнаа имунитет, политички процес парекселанс, рече и побара одговорност за ова прекршување на законот. Владата ја обвини дека има за цел да ги оцрни политички неподобните и да ги дисквалификува, а и него го потценувале со тоа што го нарекле продолжена рака.

„Во оваа прилика сакам да им порачам, не само што криво нишаните туку и погрешно пукате, Зоране, јас Христијан Мицкоски сум единствено на страната на народот, и со таа помисла влегов во политиката и тоа начело ќе ме води до последниот ден од ова мое поглавје во животот. Токму затоа е стравот голем, бидејќи народот многу добро ја соголува нивната прозирна политика и хируршки прецизно ја гледа нивната неподнослива неспособност, општествена и политичка, вредносна и човечка, како сакате. Веројатно им пречи секој македонски став, само затоа што е огледало на нивната немоќ и она што не се тие“, рече Мицкоски.

Тој тврди дека партијата можеби сега некому ну делува млака, но главната негова цел е таа да се стабилизира и да ја освои власта. За законот за јазиците рече дека со него нема да се подобри животот на обичните граѓани, и Македонци и Албанци. Владата ја нарече криминално тендерска, критикуваше за популизам и за лоши економски показатели. Вети дека ќе даде се од себе да успее, но во својот говор ниту еднаш не го спомена поранешниот претседател на паријата, Никола Груевски, кој не дојде настанот.

Случајот со полицајката која тврдеше дека се самоповреди и предизвика бура во јавноста, беше една од темите. Мицкоски рече дека во следните денови ќе дознаеме од медиумите како е таа тепана, но веќе утредента кога ќе се сретне со министерот за внатрешни работи, дава изјава дека станува збор за самоповреда од пајак возилото. Нешто што не само што е дезавуирање на положбата на македонската жена, не само што станува предмет на шега на социјалните медиуми туку е и повреда на интелегенцијата на граѓаните.

Премиерот Заев, пак, кој денес им порача на жените дека борбата за нивните права ќе трае се додека тие не се исполнат, порача дека осудува секаков вид насилство, не само физичко, туку и вербално.

Политичката битка за правата на жените продолжува, дали ќе остане само декларативно, или суштински.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ