
Заев и Ахмети разговараа за владина реконструкција
Час и половина лидерите на двете најголеми партии во владеачката коалиција Зоран Заев и Али Ахмети, насамо разговараа за претстојните кадровски промени. Средбата заврши без инсерти и без изјави.
Премиерот Заев најави промени уште меѓу двата изборни круга. Соопшти дека ги разбрал пораките на граѓаните и дека сите што покажале замор, слабост, неисполнување на ветувањата или очекувањата, ќе мора да ги напуштат функциите.
Прво во почетокот на јуни ќе се направи реконструкција на министрите и замениците, а до крајот на тој месец, смени на директори во јавниот сектор од сите партии во Владата.
Паралелно, проветрување ќе има и во партиските структури на СДСМ.
Пред средбата со Ахмети, Заев соопшти дека единствена тема на разговор се кадровските промени.
Уште непочната, операцијата „метла“ наиде на отпор од ДУИ.
Излегоа со поинаков предлог – ветинг на сите државни и јавни функционери. Подразбира проверка на имотната состојба и на евентуална вклученост во криминални или коруптивни активности.
За да се примени на директорите, во судството и обвинителството, потребен е нов закон за кој веќе разговарале со ИРИ.
Во партијата, ќе почне да се применува веднаш, со формирање партиска комисија која ќе го проверува целото членство.
Од ДУИ велат дека овој процес треба да добие поддршка од сите политички чинители и да тече паралелно и независно од кадровските промени во Владата и во државата.
Соња Николовска