Заев го нуди 8 јули за избори, Мицкоски утре ќе му одговори

8 јули, среда, е последната понуда на Заев до Мицкоски, за одржување на изборите. По неуспешната синоќешна средба кај претседателот на државата, денеска владејачката партија  направи уште еден обид за договор.

Доколку се прифати 8 јули, Заев најави дека, премиерот и министрите ќе се соберат доцна во текот не денот на владина седница и ќе донесат предлог за продолжување на вонредната состојба од три дена, со што ќе се даде и правна можност за избори на овој датум.

Мицкоски најави дека утре ќе се изјасни за неговиот предлог. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека, денес е најцрниот ден од корона-кризата, а Заев шпекулира датуми, додека Филипче крахира. Ги повторија условите за избори.

На фејсбук се огласи и дополнителната заменик министерка, Невенка Стаменковска, која тврди дека десетици административци ќе ги напуштат избирачките одбори поради страв од Ковид-19.Ова, вели, политичарите треба да го сфатат како сериозна порака. Прашува, како власта може да ги убеди  дека ќе обезбеди безбедни услови за 3 ипол илјади избирачки места, кога тоа не може да го направи во околу 1.300 институции?

Во меѓувреме и ДУИ повторно фрлија ракавица. Нивниот предизборен адут –премиер Албанец ќе биде и постизборен услов за формирање на влада.

Иако вонредната ситуација истекува ноќеска на полноќ, сепак, тоа не значи и дека избори ќе има на 5 јули, иако изборните рокови почнуваат да течат. Претседателот Пендаровски синоќа најави дека е можно и да ја преиначи одлуката за вонредната состојба и таа да биде продолжена уште неколку дена со цел да се дојде до меѓупартсики консензус за терминот на изборите.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ