Заев ги смирува страстите во Бугарија по неговата изјава за Илинденското востание

„Политичарите можеби некогаш не се доволно внимателни“, се зборовите со кои премиерот Зоран Заев преку фејсбук тргна да ги смирува страстите во Бугарија по неговата изјава дека Илинденското востание е македонско. Тоа предизвика реакција и кај  неговиот бугарски колега Борисов, кој му порача да ги си ги мери зборовите, оти на Македонија ќе и треба гласот на Бугарија во Советот на ЕУ.

  • Оставам секој да си ги мери изјавите, оти се на негова сметка. Ако го кажал тоа со предумисла или непромислено, пак е тоа на негова сметка. Бидејќи кога ќе дојде до Советот на ЕУ и ние треба да дадеме наша согласност, ќе се потсетиме на овие работи. Мојот совет до сите е да бидат повнимателни“, изјави Бојко Борисов, премиер на Бугарија.

Претходно шефицата на бугарската дипломатија пак ијави дека Илинденското востание може да се рече дека географски е македонско, но историски е бугарско.

Заев во постот не ги споменува изјавите околу Илинденското востание и реакците во двете земји околу тоа, но напиша дека политичарите некогаш  прават грешки.

  • Некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во договорот за добрососедство и пријателство“, напиша Заев.

Заев во текстот на фејсбук потсетува дека Македонија и Бугарија повеќе од една година чествуваат заеднички делови од историјата меѓу двата народи и неколку пати заедно одбележале историски настани, набројувајќи дел од нив.

На критичарите и во Македонија и во Бугарија, им порача да немаат дилема дека пријателството и соработката меѓу двете земји се искрени.

Тој директно обраќајќи и се на бугарската јавност ословувајќи ја со „драги пријатели и браќа од Бугарија“ и порача да верува дека двете земји сега градат искрено пријателство кое неколку децении наназад било загубено.

  • Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад“, напиша Заев.

Тој притоа вели дека не може да се заборави како премиерот Борисов и министерката Захариева во ЕУ се бореле за Македонија како за своја земја таа да добие датум за преговори.

  • Зарем можеме да се правиме слепи и глуви кога гледаме и слушаме сѐ што Бугарија направи и успеа во тоа да ѝ помогне на Македонија за добивање на поканата за членство во НАТО?“, дополнува Заев.

Заради тоа, подвлекува Заев, Макеоднија и е благодарна на Бугарија и затоа заедно ќе го слават и чествуваат минатото и на темелите на тоа минато ќе продолжате да ја градиме заедничка иднина.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ