
Заев ги отфрла наводите за богатење на фамилијата Заеви
Постапката за купопродажбата на државно земјиште во Струмица за изградба на станбени згради е целосно законска, тврди премиерот Заев. ВМРО ДПМНЕ уверува дека се работи за шема по која расте империјата на Заеви.
Заев објаснува дека Градежниот и Управниот инспекторат ја провериле целата документација и утврдиле дека се било законски спроведено.
Од ВМРО ДПМНЕ повторуваат дека Заев му продал атрактивно градежно земјиште на Сашко Брндевски – бизнис партнер на братот на градоначалникот. Тој потоа се откажал во полза на фирми блиски до братот Вице и братучедот Трајче Заеви. Ова лице послужило како параван а за возврат добило стан од 40 квадрати, велат од опозицијата.
„Ова е методот на кој Заеви докторираа во Струмица. Зоран продава, некој бизнис пајташ на Заеви купува, Зоран дава дозвола за градење, а потоа парцелата багателно се препродава на Вицето и на крајот Заеви добиваат зграда во вредност од неколку милиони евра. Вака расте нивната империја“, кажа Игор Јанушев, ВМРО ДПМНЕ.
Од ДУИ потсетуваат дека ако некоја партија има сомневања за криминални активности, треба да ги достави до институциите, а не да ги соопштува на прес конференции или на видео обраќања.
Вчера со видео обраќање, а денеска со прес, ВМРО ДПМНЕ обвинува дека Заев како градоначалник овозможил добра бизнис зделка за своето семејство.
Соња Николовска