
Заев демантира дека Тевдовски е сменет затоа што не сакал да потпише заем за изградба на новиот клинички центар
Новиот Клинички дополнително ги скара власта и опозицијата во Собранието. Опозицијата од говорницата го прозва премиерот Заев да одговори на шпекулациите дека тој со „метлата“ во дел од министерствата – на некој начин го казнил досегашниот министер за финансии Тевдовски. Прашуваат дали и тој е еден од сменетите министри, затоа што наводно одбил да даде зелено за државата да позајми пари за да финансира дел од изградбата на најавениот нов Клинички центар.
Премиерот Заев искоментира дека е срамота воопшто да се шпекулира дека новиот Клинички е причината за смената на Драган Тевдовски. Тој досега неколкупати јавно ја поддржал изградбата на новиот комплекс на болници.
Власта најавуваше дека темелите на објектот кој ќе се гради на пренаменето земјоделско земјиште во Ѓорче петров можат да бидат поставени до крајот на годината. За сега, се уште се планира како ќе се финансира целиот проект.
За сега позицијата министер за финансии ќе ја води премиерот Заев се до изборот на наследник на Драган Тевдовски.
Петар Догов