
Заев: Дел од лицата на Мечкин Камен беа и во Собранието на 27-ми април
Некои од лицата што го предизвикаа вчерашниот инцидент во Крушево, биле и во Собранието на 27 април, вели премиерот Зоран Заев. Во интервју за „1ТВ“, тој рече дека станува збор за мала група, од 50-на луѓе, исфрустриани и мотивирани од некого, да праќаат некакви пораки, но не се приврзаници на големите политички партии, зашто во последно време го плукаат и ВМРО ДПМНЕ, а и физички се насилни.
Премиерот рече дека е несериозно да се испраќаат пораки, како вчера на Мечкин Камен. Само политичка фрустрација е однесувањето на така високи функционери. Заев кажа дека со Иванов се видел два дена пред чествувањето на Илинден во Крушево. Имале состанок, на кој се разговарало за регионални и многу важни државни прашања. Но, Иванов тогаш зборувал едно, а на Мечкин Камен друго, тврди премиерот. Заев најави дека ќе поднесе оставка ако на референдумот на 30-ти септември, има повеќе гласови „против“ од „ЗА“. Според него, добро е, не само за државата, туку и за ВМРО ДПМНЕ да повика на излезеност на референдумот, а граѓаните да се изјаснат како сакаат.