
Заев: Ако не добиеме датум за преговори со ЕУ, можно е да падне владата
Премиерот Зоран Заев, денеска од Брисел, предупреди дека доколку Европскиот Совет одлучи да не ја прифати препораката на ЕК, нашата држава да ги започне преговорите по поглавја за пристапување во Европската Унија, можно е да дојде до пад на владата.
На прес конференцијата за странските новинари по завршување на форумот за реформите и европската интеграција, организиран од Европската банка за обнова и развој и Центарот за европските политики, Заев оцени дека евентуалната негативна одлука на Европскиот Совет, ќе ги загрози сите досегашни резултати на неговата влада но и реалниот огромен потенцијал за во иднина.
Заев подвлече и дека владата трпеливо работела на обезбедувањето двотретинско мнозинство за промена на уставот со цел промена на уставното име, оценувајќи дека тоа било исклучително чувствително прашање заради кое пратениците се соочувале и со закани и притисоци од националистите и радикалите во државата.
Сето тоа сега, според Заев, е загрозено и доколку земјата не добие датум за преговори, најверојатно ќе падне и владата и ќе мора да се организираат нови избори. Тоа според премиерот значи и дека економијата ќе запре, бидејќи никој не инвестира во предизборен период и ќе бидат изгубени најмалку 6 месеци.
Според Заев, изборите значат и неизвесност и можност за поголема политичка нестабилност, затоа што граѓанитет се тие кои што ќе одлучат кого ќе поддржат.
Премиерот оцени и дека реконструкцијата на владата во многу зависи од одлуката на Европскиот Совет, иако подвлече дека тој планира да промени помалку од две третини од владата и околу 20- 30 менаџерски позиции во институциите.
“Доколку ја изгубам поддршката од парламентот, зошто да правам реконструкција на владата”, изјави Заев, потсетувајќи ги партнерите во ЕУ, дека земјата чекала 15 години и сега се е можно.
Никола Илиевски