
Задоволни министри и сомничави експерти – различни толкувања на Извештајот на ЕК
Економските министри задоволни, експертите не гледаат признание од Европа за голем прогрес во реформите. Традиционално различни толкувања на Извештајот на Европската комисија, која порача дека иако македонската економија, по една година стагнација на растот, ја подобрила состојбата, и презела мерки за поголема транспарентност, сепак, власта треба да воспостави подобра контрола во трошењето на јавните пари и на задолжувањето.
Извештајот дава реалистична слика, и во него напорите и потезите на носителите на економските политики се вреднувани на сличен начин како и во претходниот, без нотирање особен напредок, велат од Институтот Фајнанс Тинк.
Значајно ограничениот простор посветен на економијата, особено споредено со просторот посветен на политичките критериуми, како и користените изрази „одреден напредок“, „остануваат клучните слабости“ и нагласениот недостаток на долгорочни потези во економските одлуки, укажува дека напредокот во економските политики и реформите и понатаму стагнира“, велат од Институтот Фајнанс тинк.Но првиот финасиер Тевдовски, вели дека во извештајот се јасно нагласени клучните реформи што земјава ја носат напред – пензиската и даночната, а навреме е донесена фискалната стратегија.„ЕК во програмата многу јасно пишува дека ние ја имаме подобрено транспарентноста, тоа е алатка која овозможува јавноста да има целосен увид за тоа како се трошат парите што се прибираат главно од даноци. Ние презедовме некои 15 големи мерки со кои на различен начин го подобруваме процесот од буџетско планирање, па до извршување на буџетот. Направивме од граѓански буџет, до обврска да се објавуваат договорите и анексите на јавните набавки на веб страните“, вели Драган Тевдовски, министер за финансии.
Европа јасно укажа дека земјава мора посериозно да се бори со сивата економија. За министерот Тевдовски тоа ќе се постигне и со ограничувањето на кеш плаќањата на 500 евра што стартува веќе од следниот месец. Директорката на УЈП, Лукаревска, пак, вели дека иако годинава била натфрлена наплатата на даноците, оваа битка е нивна стратешка цел.
„Тоа е борба со која преку ноќ не можеме да се избориме. Бараме соодветни механизми, начини и се справуваме во рамки на нашите надлежности. Големо олеснување е и новиот систем за контрола на даночните обврзници што врз основа на 70 критериуми се утврдуваат високо ризични даночни обврзници кои се контролираат. Влезени сме во фаза на завршување на првиот турнус контроли и ќе го видиме исходот“, вели Сања Лукаревска, директорка на УЈП.
И во земјоделието, покрај напредокот, Европа гледа ризици, најмногу за тоа дали земјава ќе успее целосно да ги искориости ИПАРД европските пари, а има сериозна забелешка и за капацитетот на Платежната агенција. Затоа министерот Николовски денеска на итна средба со нејзиниот директор, таа ќе работела цело лето за до крајот на годинава сигурно да се исплатат 8,7 милиони евра. Платежната, пак, ќе вработи уште 28 кадри токму за ИПАРД, а ќе се мотивирале со повисоки плати.
„Очекувам и повикувам да бидат ангажирани најквалитетните луѓе во државава и да бидат мотивирани и зарадио тоа што и на ниво на Влада мора да биде решена уште една дилема и во делот на зголемување на платите на структурите за коишто Брисел сугерира дека навистина мора да ги задржиме“, вели Љупчо Николовски, министер за земјоделство.
Во Извештајот се забележува и дека растат трошењата за социјала во буџетот, за сметка на тоа што власта слабо ги реализира капиталните инвестиции.
Нина Нинеска-Фиданоска