
Задолжително носење на маски почнува од денеска – казни од 20 евра за неносење
Скопје под маски. Обично, вест за првоаприлски маскенбал, но денеска е ново правило.
Сликата со граѓани со маски на лицето и ракавици нова поинаква реалност предизвинкана од пандемија на коронавирусот.
Долж Партизанска, метеж. Граѓаните од денеска добиваат плус неколку часа за да бидат надвор од своите домови .
Па така пред маркетите, банкоматите, пред месарите луѓе чекаа ред – со маски на лицето.
Пред секоја банка и продавница има редар кој кажува по колку луѓе може да влезат во внатре.
Во помалите продавнички напис дека примаат само по еден муштерија.
Се чини како да сите го почитуваат правилото да носат маска , а велат дека не им пречи затоа што со маските се чувствуваат посигурно и позаштитено од короната.
И пазарењето на пазарчиња од денеска поинакво.
На зелениот пазар Буњаковец полни тезги.
И покрај гужвата и пазарџиите и купувачите носеа маски и ракавци за заштита, затоа што не можат да држат дистанца од два метри.
Најзадоволни од новите измени на полицискиот час пензионерите.
Велат два часа кога им беше дозволено да излегуваат се малку за да ги завршат обврските и да испазаруваат.
Новите мерки, го сменија и редоследот на возење на ЈСП.
Редари и на автобуските постојки. Пуштаа патници во автобусите кои за време на пандемијата мора да возат со преполовен капацитет , а патниците внатре да седат преку едно седиште.
Инаку, од денеска полицискиот час ќе почнува во 19 часот и ќе трае до 5 наутро. Лицата над 67 години ќе можат да се движат до 12 напладне, а децата до 18 години ќе можат да излегуваат 6 часа од 13 до 19 часот.
За време на викендите, забраната за движење ќе почнува од сабота во 15 часот и ќе трае до понеделник во 5 часот.
Според новата законска уредба на Владата, задолжително е носење на маска или марама во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз.
На отворено, маските ќе бидат задолжителни на пазарите и на места каде нема можност да се одржува физичката дистанца од два метра. Маска не мора да се носи во двор, на тераса во сопствените домови, на велосипед, при спортување на отворено или во автомобил со луѓе од семејство.
До крајот на месецот тој што нема да носи маска ќе биде опоменат, а од мај следат и казни. Лицата кои нема да носат заштитна маска ќе бидат казнети 20 евра.
Фирмите кои нема да обезбедат заштитна опрема за вработените ќе бидат казнети со 2.000 евра, а одговорното лице на фирмата посебно ќе плати казна од 1000 евра.
Теодора Цветковска