Забранет увозот на свинско месо од Србија заради африканската свинска чума

Инспекторите за храна забранија свинско месо увезено од Србија да се најде во фрижидерите на месарниците во земјава.

Причина за тоа е болеста африканска свинска чума која ја има во соседството, на помалку од 500 километри од земјава.

Во Белград и во Смедерево, ветеринарите стигнале до дијагнозата кај локалните свињи. Кај нас болеста ја нема, уверуваат надлежните. Превентивно ќе стрелаат диви свињи од пограничните места за да не го пренесат вирусот. Но, ловците се уште не излегле на терен.

Неувезување на свинско месо од Србија нема лошо да влијае на нашиот пазар. Произведуваме доволно, тврдат одгледувачите на свињи и свинско месо.

Додека инспекторите за храна и ветеринарство се обидуваат да превенираат една болест во земјава – веќе се борат со друга. Пред пет дена потврдиле присуство на антракс кај 9 овци во фарма во кичевско и веднаш ги спалиле угинатите. Опасност од болеста има во 22 населени места во општина Зајас.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараат од властите да одговорат дали некои луѓе биле во контакт со заразена храна.

Здравствените власти уште вчера информираа дека луѓе заразени со антракс нема, а триесетина вработени од Факултетот за ветеринарна медицина примаат превентивна терапија.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ