
Забрана за невакцинирани деца од морбили во државните и приватните градинки
Ова е решението кое е доставено до сите детски градинки во Скопје со кое се воведува забрана за носење во градинка на сите невакцинирани деца од мали сипаници или морбили. Ова се однесува и на приватните градинки. Од утрово, веќе се враќаат деца од градинките чии родители нема да покажат потврда дека нивното дете е вакцинирано. Така беше и утрово во градинката Орце Николов, во населбата Карпош. Директорката Надица Гировска вели дека и претходно при упис на децата во градинка се барало имунизационен картон на увид каде што се евидентирани сите вакцини кои што ги има примено детето, но тоа се правело само при упис. Во оваа градинка досега нема евидентирано ниту еден случај на заболени деца. Со прогласувањето на епидемијата од вчера, покажувањето потврда за вакцинација е задолжително за сите деца. Оние не вакцинираните нема да бидат примени во градинка.
Во изминатите два дена беа регистрирани 12 нови случаи. Дополнително, од шесте новозаболени, кај два резултатите биле негативни, а кај едно дете се прават дополнителни испитувања. Родителите кои ги анкетиравме утрово велат дека се загрижени за сопствените деца, иако нивните се вакцинирани.
Согласно Календарот за имунизацијата во Македонија, вакцинацијата против мали сипаници се дава во две дози. Првата доза по навршените 12 месеци од животот, а втората на 6 годишна возраст. Траен имунитет се создава по прележување на заболувањето и штити во текот на целиот живот.
Малите сипаници, според лекарите се типично респираторно заболување и се пренесува преку воздушно-капков пат. Резервоар на инфекцијата е исклучително човекот, дoдека изворот на заразата се секретите на заболениот. Во тешките форми на заболувањето може да се добие бронхопневмонија, бронхиолитис, ларингитис или бактериска пневмонија како дополнување на основната болест.
Јордан Дуков