Македонија Заболените од корона го посочиле осомничениот Ф.К. дека имале контакт со него
Дел од заболените од корона од Скопје го посочиле осомничениот Ф.К. од Скопје дека имале средба со него и со неговото семејство пред да им биде откриен корона вирусот, потврдија за Телма извори од истрагата. Исто така за него имало и пријави од граѓани дека патувал во странство и не се придржува до самоизолација. Поради тоа полициските инспектори ја почнале истрагата во која откриле дека скопјанецот дал лажен исказ за своето патување во странство и МВР му поднесе пријава за два члена по кривичниот законик со кој се предвидени и парични, но и казни до 3 години затвор.
Примена е пријавата и отворен е предмет, а веќе се преземаат и истражни постапки, одговорија за Телма од обвинителството. Во рамките на истрагата ќе се земаат и искази од заболените кои го пријавиле осомничениот, но ќе се проверува и друга документација од граничните премини. Дополнителната заменичка министерка Славјанка Петровска вчера соопшти дека досега полицијата утврдила дека осомничениот лажно сведочел откако неговите родители биле дијагностицирани со корона вирус и при епидемиолошка анкета на лекарите им кажал дека не патувал во странство. Но во граничната евиденција на преминот Табановце неговото име го имало дека таму поминал на 8-ми март.
И при распитот од инспектори во полициската станица во Карпош, осомничениот тврдел дека не патувал во странство. Скопјанецот уште кога влегол во државата на 8-ми март бил информиран за прогласената епидемија и ја потпишал обврската за самоизолација. Но потоа не се придржувал на неа. Неговите родители беа потврдени за заразени на 17-ти и на 18-ти март и во епидемиолошките анкети, и на фејсбук статуси тврдеа дека се заразени од бизнис партнери дојдени од Србија. И тие тврделе дека немале патување во странство , иако за таткото на сега осомничениот, е утврдено дека и тој патувал во Србија на 6-ти март.
По епидемиолошките анкети, истражувањето на лекарите се насочило во правец на Србија иако всушност заразените имале патување во странство кое го сокриле од епидемиолозите. Во моментот осомничениот Ф.К. е во самоизолација. Тој скопски кластер на заболени, предизвикан од семејството на сопственик на фирма од скопски Карпош, најбргу растеше поради доцното откривање на првиот заболен и досега има заразени од фабриката на осомничениот, од друга скопска фабрика која исто се наоѓа во Карпош, како и заболени во Србија.
Од МВР за Телма велат дека информацијата за лажниот исказ стигнала прво од граѓани и тие пријави веднаш се проверуваат. Во тек се проверки и на други пријави во кои заразени или нивни блиски тврдат дека не патувале во странство, а граѓаните што ги пријавуваат тврдат дека всушност биле во странство. Имало и неколку пријави дека лица во карантин биле пуштани дома, но по полициските проверки се утврдило дека нема такво прекршување на карантинските процедури.
Миомир Серафиновиќ



