За Владата успешна прослава, за опозицијата фијаско

Владата најави дека утре официјално ќе излезе со информација колку чинела организацијата на прославата под мото „ Одиме напред, Македонија во НАТО и ЕУ“ која се одржа во 15 градови низ државата и на која настапија четиресетина музичари и групи. Во соопштението на Владата се изразува благодарност до општините кои помогнале во одржувањето на манифестацијата и до музичарите за нивниот професионален однос.

„ Во текот на утрешниот ден Владата ќе објави целосен извештај за организацијата на настаните. Владата изразува благодарност до општините за поддршката и помошта прославите да поминат во најдобар ред, а до музичарите благодарност за професионалниот однос и ангажман“, соопштија од Владата.

Претседателот на организациониот одбор на Владата, координаторот Роберт Алаѓозовски, изјави дека хонорарите на музичарите се движеле во рамките на нормални суми.

Во меѓувреме препукувањата меѓу Владата и владеачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат. Додека за едните манифестацијата била успешна и посетена за другите е комплетно фијаско. Двете страни вчера и денеска се натпреваруваа со соопштенија и со пласирање на слики и клипови на социјалните мрежи на кои има односно нема луѓе на прославата.

Од Владата соопштија дека граѓаните ја препознале вредноста на историскиот момент и излегле слободно и прославилеја, на 15 настани кои обединуваат и со тоа ја поддржале Македонија која се обединува и која оди во НАТО и ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ пак се на ставот дека граѓаните се обединиле против капитулантскиот договор и дека премиерот Заев доживеал пораз бидејќи ја потценил интелигенцијата на народот.

Вчерашнатите прослави минаа мирно и без инциденти. На прославата во Скопје, група членови и активисти на „Левица“ го изразија своето незадоволство од членството во Алијансата, а од партијата тврдат дека нивна активистка била нападната. Од МВР пак, соопштија дека добиле пријава и дека ќе ги проверат наводите.
Музичарите кои беа најавени дека ќе настапуваат на вчерашната прослава се најдоа под жесток удар и огромен притисок на дел од домашната јавност и на социјалните мрежи.
Единствено пејачот Влатко Лозановски го откажа својот настап во Охрид и преку социјалната мрежа „Фејсбук“ објасни дека целта му е со музика да ги спои а не раздели луѓето.
Неколку групи и музичи најавија дека хонорарите од вчерашниот настап ќе ги донираат во добротворни цели.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ