
За успешна борба против ракот на дојка потребна е рана дијагностика и современа терапија
Долгото чекање за преглед, што ја доведува во прашање раната дијагностика и недостигот на соодветна современа терапија се најголемиот проблем со кој се соочуваат пациентките кај кои е дијагностициран рак на дојката, алармира здружението Борка. Национален регистер за канцер на пациенти и имплементација на националниот план за контрола на ракот во Република Македонија се неопходни во борбата со оваа тешка болест.
- Веќе е реагирано Борка реагираше кај Министерството за здравство и веќе се прават напори Мој термин на некаков начин да се изнајде решение пациентите со малигни заболувања кои мораат да ги прават тие прегледи пред да отидат на контрола за болеста да имаат некаква предност. Значи да не чекаат толку долго, истакна претседателката на здружение БОРКА, Биба Додева.
Редовните прегледи и самоконтролата се многу важни затоа што на тој начин се продолжува животот на жената и се намалуваат трошоците за скапото лекување, вели Снежана Стојановска на која пред десет години со мамографија и бил дијагностициран рак на дојка и била успешно оперирана.
- Секој треба да прави самоконтрола и сите треба да одат на мамографија и ехо барем еднаш годишно, затоа што секогаш не може ни да се напипа затоа морат да бидат упорни и да го прават тоа, вели Стојановска.
- За болеста дознав пред 19 години, а се оперирав пред 18 години оперирана сум на двете дојки. Со мојата упорност , а со неквалитетното лекување тогаш на докторот некогаш кога сум изреволтирана тоа го кажувам успеав да доживеам и живеам уште, истакна Саздова.
Статистиката вели дека над 1200 жени во Македонија се дијагностицирани со рак на дојка на годишно ниво. Во текот на изминативе 10 години бројот на новозаболени во Македонија е двојно зголемен , затоа раната детекција и современиот пристап со достапност до нови терапии и достоинствен живот на сите кои се борат со ракот на дојка се клучни за граѓаните и нивните фамилии кои се борат со оваа тешка болест.
Нина Стефанова