
За убиството на Дилавер Бојку е осомничен човек, чие име како можен убиец било кажано и на денот на убиството од синот на убиениот
За убиството на Дилавер Бојку е осомничен К. Л., чие име како можен убиец било кажано и на денот на убиството од сведокот, синот на убиениот контроверзен Леку. Полицијата соопшти дека против две лица жители на струшко Ливада се поднесени кривични пријави за убиството кое се случи во август 2017-та.
33-годишниот жител на струшкото село е осомничен за убиството на контроверзниот макро и бизнисмен Дилавер Бојку Леку извршено пред 2 и пол години во кафе бар на струшкиот брег. Полицијата го соопшти ова дента кога во полициската станица во Струга на посета беше дополнителната заменичка министерка.
К.Л. е осомничен за убиството на Леку, но и за обид на убиство на неговиот син Артан Бојку и уште едно лице од Велешта кои се ообиделе да го спречат во неговото бегство, стои во соопштението на СВР Охрид. За ова во емисијата Код во октомври 2018-та сведочеше и синот на Бојку, кој тврдеше дека веднаш го идентификувал истиот сторител и го кажал на полицијата.
-Го знам лицето. Тоа го кажав и во болницата каде беше однесен татко ми и во полиција и пред обвинител и се направи и фото-робот, а го идентификував и на фотографии, изјави во емисијата КОД (октомври 2018-та) Артан Бојку, синот на убиениот во кого пукал убиецот при бегството.
Осомничениот за убиството тогаш реагираше и тврдеше дека бил испрашан и дека нема никаква врска со убиството на Бојку од Велешта. Истовремено го обвини семејството на убиениот Бојку дека дотогаш имаат убиено и ликвидирано неколку членови на семејството Лога и Исени, кои пак се од соседното струшко село Ливада. Осомничениот еден ден по убиството на Бојку и по распитот во полиција си заминал легално од државата и се уште е во Швајцарија.
Засега недостапен е и вториот осомничен 39-годишен жител на Ливада кој со мерцедес го довезол убиецот до кафе барот на убиениот Бојку. Полицијата врши проверки каде е. Уште еден човек учествувал во убиството и со мотор го зел убиецот по што избегале низ улиците на Струга. За него нема детали, а МВР не соопшти ниту детали за мотивите иако претпоставките се дека станува збор за нерасчистени односи на две семејства и потенцијална крвна одмазда.
Таа долга одмазда резултираше и со убиство на Иштреф Исени во Швајцарија, чиј син беше претходно застрелан и убиен од братот на убиениот Бојку.
Дополнување: По прилогот на ТВ Телма реагираа од семејството на осомничениот за убиството поради објавување на името. Во разговорот тврдат дека осомничениот нема врска со убиството на Бојку, дал исказ во полиција по убиството, а оттогаш досега двапати и бил на престој во Македонија без никој да го обвини за ништо. Станува збор за политички мотивиран случај во пресрет на избори, тврдат блиски на осомничениот.
Миомир Серафиновиќ
Емисијата КОД со реконструкција на убиството на Дилавер Бојку на линкот.