
За СДСМ Иванов признал дека советникот Јосифовски бил во седиштето на ВМРО на 27-ми април
СДСМ тврди дека Претседателот Иванов вчера признал дека Борис Јосифовски, член на неговиот кабинет бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април од каде го координирал нападот на Собранието. Со ова Иванов ги потврдил дел од сведоштвата во судскиот процес што се води за „Крвавиот четврток“.
„Исказите на осомничените и јавно достапните информации покажуваат дека токму во луксузниот дворец, ,, на осмиот спрат,, во седиштето на криминалната ВМРО –ДПМНЕ, се координирале активности за бруталниот упад во Собранието на 27 април. Мицкоски не повикува на одговорност туку се става во заштита на насилниците и криминалот на Никола Груевски“, соопштија од СДСМ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашната средба со граѓаните во Чаир рекол дека СДСМ преку своите структури во судството и обвинителството, преку нарачани сведочења сака ВМРО-ДПМНЕ повеќе да не постои.
„Ќе се појави некој сведок кој ќе каже дека ВМРО-ДПМНЕ била ваква или таква, и ќе се претстави во јавноста како злосторничка организација за да им се даде потоа правен легитимитет на овие структури да можат да нанесат удар врз партијата, затоа што така ќе бидат најсигурни“, изјавил Мицкоски.
Од неговата партија немаат сознанија дали ноќта на 27 април во Белата палата бил присутен Борис Јосифовски .
Соработниците на Иванов, Борис Јосифовски и Синиша Василевски беа посочени од Александар Василевски Нинџа во сведочењето за настаните од 27 април. Иванов вчера ги отфрли наводите на Василевски дека под притисок на странскиот фактор се повлекол од планот да прогласи воена состојба. Сите обвинувања против него , не во судница туку со медиумски толкувања ги оцени како измислици и лажни вести.
Јулијана Пешевска