
За СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо менување на начинот на избор на претседател
Се отвора ли простор за нови уставни измени, откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека за него е прифатливо претседателот на државата да се избира и во Собранието.
Ахмети синоќа изјави дека проблемот со цензусот е стар 10 години и доколку не биде обезбедена излезност од 40 проценти на гласањето в недела, смета дека е оправдано да се размислува за промена на начинот на избор на претседател.
„Претседателот може да се избира и во Собранието, и мислам дека е тоа оправдано,“ изјави Ахмети.
За изјавата на Ахмети реакција стигна и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. За поголемиот партнер на ДУИ во власта непосредните избори се подобра алтка за избор на претседател.
„Не си дозволувам да коментирам што би било кога би било, очекувам и знам дека цензусот мсжеме да го постигнеме. Кога зборуваме за ситуации што ќе биде ако биде тогаш демотивираме излезеност. Јас верувам дека ќе имаме успешен прв круг и успешен втор круг, дека непосредните избори се подобредојдени, секогаш ни стојат на располагање алатките претседателот да се бира во Парламентот, секогаш ни стојат и алатките да ги повториме изборите. Сето тоа се наши правни можности“, изјави Зоран Заев, премиер и лидер на СДСМ.
За Заев не изборот на претседател би значело нова политичка криза во земјата, што не и потребно.
И опозицијата не е расположена за менување на начинот на избор на претседетел, од непосредни избори со гласање на пратениците. За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тоа би било сценарио за суспендирање на волјата на граѓаните и изборот на претстедател би се свело на трговија во Собранието.
„Ова е сценарио за суспендирање на волјата на граѓаните, поништување и укинување на правото граѓанинот директно, на непосредни избори да го избира својот претседател. Добро се знае кој го има мнозинството во Собранието, исто како што се знае и начинот до кој дојдоа до тоа мнозинство. Со ова изборот на претседател ќе се сведе на трговија со услуги наместо да биде јасна волјата на народот изразена непосредно на избори“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски притоа обвини дека е тоа сценарио на Заев, бидејќи е свесен дека СДСМ ќе ги загуби изборите. Тој повика на масовна излезност на изборите за да избегне такво сценарио.
Министерката за правда Рената Дескоска, вчера изјави дека доколку не биде постигнат цензус на изборите за избор на претседател во игра се две опции. Едната е претседателот да се избира на непосредни избори, без потребно мнозинство во вториот круг, што значи дека ќе победи оној што ќе добие повеќе гласови. Втората опција, како што посочи Дескоска е претседателот да се избира во Собранието.
Тамара Грнчароска