За работниците во Тетово 1 Мај се прославува работно

Во Тетово и денеска е вообичаен ден. Продавници, ресторани, кафулиња трговски центри и повеќе погони за производство работат со полн капацитет. 1 Мај меѓународниот ден на трудот, повеќето работници во Тетово го прославуваат работно.

Дека е празник говорат само неколкуте знамиња во центарот на градот, поставени долж булеварот Маршал Тито. Денот на работниците не се одбележува со никаква манифестација, протест или марш. Пред јавноста не сакаат да зборуваат, но позади камера граѓаните кои денеска беа на своето работно место, ни раскажаа дека на секој празник работаат, а сопствениците не ни помислуваат да им исплатат за прекувремена работа. Не смееме да одбиеме работа велат, затоа што ќе бидеме избркани. Граѓаните велат дека работниците немаат никакви права, затоа што државата дозволува фирмите незаконски да профитираа на грбот на вработените.

Од Државниот инспекторат за труд, ни изјавија дека се свесни за прекршувањето на Законот за државни празници. За било која фирма да работи на државен празник треба претходно да извади одобрение за прекувремена работа, која не треба на годишно ниво да надминува повеќе од 190 часа.

Но, повеќе претпријатија и локали, и без потребната дозвола работат за празниците, а ние пак како институција немаме човечки капацитет истите да ги контролираме и санкционираме.

„Во Тетово имаме на секој државен празник по еден дежурен инспектор. Тој не може да изврши контрола на сите субјекти дали работаат или не. Затоа и фирмите ја користат оваа пропуст и работат за празниците. Треба повеќе инспектори да се вработат, за да може да се контролираат и санкционираат фирмите, ако го прекршуваат Законот за државни празници кој предвидува парични казни и над 7000 евра. Фирмата ако има одобрение за работа за државен празник мора да го плаќа работникот за прекувремена работа, но на трансакциона сметка, а не парите да се исплаќаат на рака, како што тоа го прават повеќето сопственици“, рече Салајдин Сабдиу директор на Државниот инспекторат за труд.

Од инспекторатот, велат дека има изречено казни за претпријатијата во Тетово кои не го почитуваат Законот за државни празници. Но, бројката на казнети како што истакнаа оттаму не ја знаат, затоа што немале доволно кадар, кој би работел на евиденција и статистика. Од владата во повеќе наврати, истакнаа дека инспекциските служби се со мал број вработени, и етапно како што рекоа, кадарот во овие тела ќе се зголемува.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ