
За пругата кон Бугарија ќе чекаме уште шест години
Дури во 2026 од Скопје до Софија ќе се патува со брзи возови од 200 километри на час. На Бугарите им недостига да изградат само 2,5 километри од својот дел од пругата, но остатокот пласнираат да го модернизираат со современа телекомуникациска сигнализација. Затоа, пак, кај нас допрва треба да почне да се гради втората делница од пругата, а за третата уште не се обезбедени ни пари, ќе се бара кредит од меѓународните институции. Министрите Жељазков и Бектеши овој со десетици години чекан проект го сметаат за приоритет за да се олесни движењето и бизнисот меѓу двете земји.
„Најважна работа кога се зборува за поврзување е на територијата на двете посебни држави да има симетричност на дејствијата. Заеднички ќе го изградиме двокилометарскиот тунел кој ќе не поврзува без железничка станица, ќе се поминува транзит меѓу двете земји. Звучи далеку, но планот е многу амбициозен, а неопходните средства се по околу 400 милиони евра за двете земји“, вели Росен Жељазаков, министер за транспорт на Бугарија.
„Донесовме одлука на Влада за да се почне со третата делница, имаме и грант од ЕУ, Министерството за финансии треба да испрати писма до финансиските институции кои се наши партнери за да се обезбеди кредит од околу 300 милиони евра и да почне процесот за објавување на тендерот за да се гради третата делница“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.
Оваа железничка линија ќе биде дел од Коридорот 8, кој треба да ги поврзе Бугарија, Македонија и Албанија.
Бугарија е наш петти трговски партнер и со нив имаме мал дефицит во размената, лани земјава извезла стоки од 305 милиони евра, а увезла 329 милиони. Министрите не се задоволни, на првата сесија на мешовитата комисија си зададоа тешка задача, следните години трговијата да расте со стапки од најмалку десет отсто. Но за укинување на царините и за заеднички гранични контроли ќе мора да одлучат премиерите на двете земји.
„Секое олеснување на бизнисот е во корист на инвестициите и стоковната размена. Имаме одговорност и задача да постигнеме размена не помалку од милијарда, бидејќи во моментов, независно од засилувањето по потпишувањето на договорот за добрососедство, се уште сме на ниво од 2006 година. Сега ги поправаме сите штети што беа направени во претходниот период“, вели Жељазков.
Гостинот се пофали и дека интерконекторот за гас од Бугарија сега е единственниот од каде се снабдува земјава, а со изградба на новиот – Петрич-Струмица, ќе се развие гасоводниот систем на земјава, што е неопходно за развој на економијата. Се разсмислува и за воведување авиолинии Скопје-Софија и Охрид-Варна, прво за време на туристичките пикови, а потоа и како трајна опција. Сето ова треба да се преточи во меморандуми и договори, кои на стартот на април ќе ги потпишат премиерите на двете држави.
Нина Нинеска Фиданоска