
За премиерот нема судир на интереси, шеф во Кривичниот суд да му биде советник
Премиерот не гледа судир на интереси во тоа што негов советник е и раководно лице во судот, каде се одржуваат рочиштата за случајот „Поткуп“, во кој е обвинет тој самиот. Горан Стаменковски, кој е шеф на одделот за човечки ресурси во Кривичниот суд, е присутен на секое рочиште како јавност, но за Заев ни тука нема ништо сомнително.
Стаменковски е дел од 56 –те советници, задолжен да го подучува премиерот за социјални прашања. Пред извесен период беше во фокусот на јавноста поради судирот со екс-претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски. Стаменковски ја доби тужбата за мобинг која ја поднесе откако Панчевски го разреши од функцијата поради присуство на протестите на „Шарената револуција“. На почетокот на годината, пак, Панчевски се жалеше дека Стаменковски упаднал во неговата канцеларија, го нападнал и му се заканувал, по што интервенирала и полицијата. Минатата година, истото лице беше пријавено и за физички напад врз вработена во судот.
Премиерот посочи дека ангажманот за сите советници е една година и ако не дадат резултати, договорите нема да им бидат продолжени, но тој ќе им помогне да се вработат на други места.
За Командант Хоџа, за кого се дигна најголема прашина во јавноста, кој, пак, ќе го советува за внатрешна безбадност и радикализам, вели дека нема да добие безбедносен сертификат за класифицирани информации.
Вели дека е позитивно тоа што тој и Љубе Бошкоски, кои беа од различна страна на нишаните, сега работат заедно како негови советници. За ангажирањето на овие двајца, кои се наоѓаат на американската црна листа на граѓани кои не смеат да стапнат на нивна територија, вчера искажаа загриженост и од амбасадата на САД.
Далиборка Демјанска