За пожарот во кои изгореа три деца единствени виновници родителите

Поднесено е обвинение за родителска негрижа за мајката и таткото чии деца изгореа во пожар во Велес. 39 годишната Марина Антониевска и нејзиниот невенчан 47 годишни сопруг Никола Давчевски се товарат за три кривични дела. Тие ги запуштиле и малтретирале своите деца, а тоа што ги оставиле  сами во куќата каде избувна пожарот резултирало со нивна смрт.

Се работи за деца кои според својата возраст не можеле да се грижат сами за себе. Со тоа што ги оставиле сами во куќата обвинетите постапиле крајно несовесно и не воделе сметка за нивниот живот и нивното здравје. Воедно, обвинетиот како очув на две од три деца исто така бил должен да се грижи за нив со оглед на фактот дека живееле заедно и имал заштитничка позиција спрема нив, велат од ОЈО.

Трагедијата која ја потресе целата земја се случи лани попладнето на 20 јуни. Родителите заминале да пазаруваат во најблиската продавница а дома сами ги оставиле едногодишната Теона, нејзиното братче две годишниот Петар и сестричката Драгана која имаше четири години. Куќарката која се наоѓа на периферијата од градот вивнала во пламен а во неа биле заклучени децата. И покрај тоа што тогаш се отвори прашањето зошто социјалните служби претходно не реагирале за ова семејство кое го имале во евиденција, сепак одговори немаше. Одговорност за сега нема ниту за службите, а не се знае ниту кои се причините за пожарот.

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ