
За Никола Митревски-Кољо поднесено обвинение за „Крвавиот четврток“
Никола Митревски-Кољо денеска доби обвинение за крвавиот четврток, тој е 31-ви обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок.
Митревски на снимките од собраниските насилства беше впечатлив и веднаш идентификуван, ги предводеше лицата со фантомки и комуницираше со полицајци. Обвинителството го товари дека тој заедно со Александар Василевски-Нинџа, по добиен повик од Виена од телохранител на Груевски повикале повеќе десетици луѓе кои маскирани со фантомки ја предводеа толпата во Собранието.
На распитите кај обвинител, Митревски не кажал многу детали за случувањата за кои сега е обвинет. Тој беше во бегство 4 месеци пред сам да се предаде на крајот на март. Пред обвинител тврдел дека цело време бил во Македонија, односно се криел во Охрид. За неговиот пријател Александар Василевски-Нинџа кој се уште е во бегство тврдел дека не знае каде е и не се видел откако лани во ноември почна истрагата за крвавиот четврток.
Во бегство се вкупно тројца, а од МВР претпоставуваат дека се кријат некаде во Македонија. Обвинението за Митревски денеска е испратено во суд и е споено со обвинеието каде се обвинети и 5-мина пратеници.
Обвинителството за организиран криминал има и друг предмет за 27-ми април, по кривична пријава на Здружение на граѓани за почитување на прописи од Битола, има предмет за злосторничко здружение против 61 пратеник кои гласале за избор на Талат Џафери. Тој предмет еднаш бил затворен, а пријавата скопското обвинителство ја отфрлило бидејќи гласањето на пратениците е чин на нивно убедување.
Но, пријавата е префрлена во организиран криминал, каде иако знаеле за отфрлањето, продолжиле да си работат по пријавата и го барале записникот од седницата на 27-ми април. Проблемот е што записникот се уште не е усвоен. Постои нацрт записник кој е направен од стенограмските белешки и од снимките на мобилните телефони и собраниските камери од стоечкиот избор на Џафери за спикер.
Досега не е ставен на гласање на пленарна седница, а претседателот на Собранието Талат Џафери телефонски ни рече дека записникот ќе биде ставен на седница по завршувањето на расправата за европско-приоритетните закони за да не предизвика застој во работата на Собранието, со многубројни забелешки на опозицијата. Џафери ни изјави дека не го ставил на гласање за време на бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ затоа што сметал дека и опозицијата треба да присуствува на гласањето.
Миомир Серафиновиќ