
За неколку часа собрани 15 илјади потписи за Пендаровски
Десетици граѓани во ходниците и просториите на некои подрачни единици на ДИК. Чекаат ред да се потпишат за поддршка на професорот Стево Пендаровски како претседателски кандидат. Од СДСМ информираат дека уште во претпладневните часови на денот кога почна собирањето потписи, се потпишале над 15 илјади граѓани, а очекуваат над 20 илјади. Со тоа, Пендаровски може да поднесе кандидатура по две основи: со поддршка на пратеници и со потписи на граѓани.
Кирацовски, кој го предводи Изборниот штаб, и самиот се потпиша во подрачната единица во Битола.
Претходните денови, потребните потписи ги собраа уште двајца кандидати: професорката Гордана Силјановска-Давкова, која, откако доби повеќе од 15 илјади потписи, ги повлече листите од подрачните единици, а вчера и професорот Блерим Река објави дека има над 11 илјади потписи.
Останатите четворица претенденти за претседателски кандидати имаат уште два дена да стигнат до 10-илјадитиот потпис. Според Табелата што ја објави ДИК, до вчера за Јосив Мирчевски се потпишале само 8 граѓани, за Господин Попоски 23, за Димче Петровски 521, а за Филип Петровски, илјада 325 граѓани. Во сабота истекува 15-дневниот рок, по што, оние што обезбедиле најмалку 10 илјади потписи или поддршка од 30 пратеници, ќе достават кандидатура до ДИК. Изборната кампања официјално почнува на 1 април.
Соња Николовска