
За МВР случајот со повредената полицајка е затворен
Случајот со повредената полицајка е затворен и материјалите се предадени на Основното јавно обвинителство.
Ова денес го соопшти министерот Оливер Спасовски, кој притоа рече дека е поднесена прекршочна пријава за високиот функционер на ДУИ, Бекир Асани, поради нарушување на јавниот ред и мир и омаловажување на полицајката која била на службена должност.
Завчера, Јасмина Јаначковска се пријавила во градската општа болница со полесна повреда на раката за која вели дека ја добила така што самата се удрила во возило од пајак-службата.
На социјалните мрежи со неверување беше примена информацијата дека полицајката на службена должност самата се повредила. Велат, ова е само обид да се заташка целиот настан.
Според официјалните информации, високиот функционер на ДУИ, Бекир Асани, имал вербална расправија со Јаначковска додека таа била на должност, после што, повлекувајќи се после расправијата самата се повредила.
Спасовски повикува, ако постојат било какви сведоци од местото на настанот со снимки и материјали да пријават, за да се помогне во водењето на постапката.
Министерот имаше и свое обраќање пред новата класа полициски службеници кои беа промовирани напладне во Центарот за обука во Идризово.
Петар Догов