За МВР фингирано киднапирање а ОЈО Битола поднесе пријави против 3 лица

За ист  настан, битолчанец кој беше киднапиран во Скопје,  различни квалификации и различни соопштенија на МВР и ОЈО.

Полицијата најпрво го приведе битолчанецот за фингирање на сопственото киднапирање, а по неколку дена обвинителството побара притвор за неговите киднапери.

МВР во соопштението од 16 декември  наведува  дека ден претходно,  во скопската населба Шуто Оризари 29 годишниот М.К. од Битола  е приведен под сомнение дека е вмешан во фингирано грабнување

Неговиот татко  пријавил дека син му е жртва на грабнување и изнуда, но полицијата утврдила дека случајот е фингиран од синот и уште неколку лица со цел да се изнудат пари од неговите родители.  

М.К бил приведен додека влегувал во неговото возило Алфа Ромео, а кај него биле и дел од парите предвидени за наводниот откуп и претходно технички обработени, се наведува во соопштението на МВР  

Три дена подоцна,  обвинителството  соопштува  дека поведува постапка против три лица за изнуда и за нив бара  30 дневен притвор.

Тројцата осомничени  го затвориле битолчанецот во стан во скопската  населба Аеродром, го тепале, го сечеле со жилет по грбот, а  на раните му турале сол и парфеми. Потоа од неговите родители побарале 40 илјади евра за да го ослободат, а мајката донела 1600 евра и ги оставила во возилото алфа ромео паркирано во Шуто Оризари,  пишува во соопштението на ОЈО.

За ова денеска реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека МВР ја гони жртвата, наместо криминалците.

– Имаме сечење со жилети и изживување, а МВР воопшто не тргна против насилниците и криминалците.  Што треба да се случи за Спасовски и неговите соработници да понесат одговорност? Ова е срам за полицијата, без разлика дали е сторено намерно за да се заштитат криминалците или заради неспособност, рече Орце Георгиевски, ВМРО-ДПМНЕ

По предлог на битолското обвинителство, судија од Oсновен суд во Битола на тројцата осомничени им определи притвор од 30 дена.

Емилија Мисирлиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ