
За „Крвавиот четврток“ имало план за воена состојба, се реализирало само отворањето на вратите
Сведок на планот за отворање на вратите во Собранието бил Никола Војминовски, осуден на 13 и пол години затвор за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села. Некој од деновите пред да се случи „Kрвавиот четврток“ ова го слушнал пред кафуле близу Собранието во кое бил заедно со пратеникот Љубен Арнаудов и со екс министерот за внатрешни Оливер Андонов. Во меѓусебен разговор тие единствено решение од ситуацијата која се повторуваше со денови гледале во отворање на вратите за да може народ да влезе, но и прогласување на воена состојба тврдеше сведокот.
„Со Љубен Арнаудов имав средба и претходно пред Аверс, кај Собрание додека со мене беше и Оливер Андонов, Љубчо и други луѓе. Арнаудов потпрен беше на оградата и разговараа со Оливер. Рекоа дека единствено решение е тоа што подоцна се случи на 27-ми април, а тоа е дека ќе ги отворат вратите и толпата да влезе внатре. Кажаа дека Претседателот ќе прогласи воена состојба и ќе бидат уапсени одредени лица“.
Освен ова Војминовски и на критичниот ден се слушнал со Арнаудов. Му се јавил на телефон и пратеникот му рекол, каде сте, што правите, ајде влегувајте. Кога влегол во Собранието, се видел со истиот пратеник кој му кажал во кој правец да оди. Во тој правец стоеле луѓе опремени со радиоврски, оружје, значки, кои ги препознал дека се дел од обезбедувањето на екс премиерот Никола Груевски. Со нив имало и маскирани, па заедно го трасирале патот до салите.
Одбраната се обиде да го дискредитира овој сведок, потенцирајќи дека исказот се разликува и од оној даден во истрага и од оној кој го дал кога бил обвинет за обидот за убиство. Рекоа и дека сведочел додека бил во притвор во Шутка без дозвола на судечки судија и со прекршувања на ЗКП. Инаку денеска сведочеше и припадник на ЕБР, Лукман Салими кој кој кажа дека во Собранието имало само дваесетина од нивната единица.
Дел од маскираните велеле дека се исто така од ЕБР за да ги пуштат кон прес-салата. Еден од нив во неколку наврати ја тргнал фантомката за подобро да го слушне толпата која ја повикувал да оди кон како што рекол предавниците. Следното рочиште е и последниот, но и единствен заштитен сведок во судењето за „Крвавиот четврток“.
Билјана Николовска