
За комунални прекршоци изречени 100-тина казни последниве месеци, а 118 прекршочни за непочитување на заштитните мерки за Ковид-19
Од почетокот на епидемијата со корона вирусот кај нас, за непочитување на хигиената во главниот град, од Инспекторатот на Град Скопје, биле изречени 100-тина казни, а за непочитување на мерките за заштита од вирусот, од Пазарниот инспеторот биле издадени 118 прекршочни налози при спроведени вкупно 4001 надзор на територијата на цела држава.
Почетокот на викендот и топлото време , ги извадија граѓаните во Градскиот парк.Она што можевме да го забележиме е дека дел од нив носат маски и почитуваат растојание, а дел , не. Но, исто така се забележува дека низ градот се фрлени на повеќе места и маски и ракавици.
Лоша слика за нас! Вака коментираат граѓаните кои ги затекнавме во Градскиот парк денеска, во врска со непочитувањето на хигиената на јавните површини. Велат, фрлањето отпад не е новост, но уште пострашно за здравјето, во време на пандемијата се расфрланите ракавици и маски. Една забележавме и во дворот на Град Скопје.
- Не е сега само случај со маските. И претходно имало фрлање. Не дека тоа така треба да биде. Тоа е лоша слика.
- Маски , ракавици…не се почитува хигиената. Да. Се фрлаат, велат граѓаните.
Од Инспекторатот на Град Скопје велат дека поради пандемијата, сметот почесто се собира, и во полициски час, низ градот се поставени нови садови за собирање на комуналниот отпад и дека спровеле кампања за подигање на свеста на граѓаните за потребата од чиста животна средина. Но и покрај тоа, гладано квартално по месеци, зголемен е бројот на казните во последниот период, велат од Инспекторатот.
- На месечно ниво стигнавме и до 100-тина казни, каде што е неизбежно да се казни . Меѓутоа, пак апелирам, не е нашата интенција да казнуваме. Туку, сите да се грижиме за нашиот град- Горан Трајчевски- помошник раководител на Инспекторат на Град Скопје.
Малку поинаква е сликата по моловите. Во Skopje City Mall, турканици нема , но има редици пред познатите продавници со брендирана облека, за кои се грижат од обезбедувањето. Од Управата ни рекоа дека вчера и утрово делеле маски за купувачите кои немале, а понатаму нема да ги пуштат да влезат без заштита на лицето. Поставени се информативни табли и пунктови за дезинфекција. Во секоја продавница се предвидени 10-15 метри квадратни растојание, за секој муштерија. За непочитување на заштитните мерки, на ниво на цела држава се издадени 118 прекршочни налози при вкупно 4001 инспекциски надзор на фирми, велат од Државниот пазарен инспекторат. На територијата на Скопје се извршени 1122 надзори, а во внатрешноста, 2879.
Сотир Трајков