За Грција табли со новото име не се проблем, но аеродромот во Солун останува „Македонија“

Поставувањето на таблите со името „Република Северна Македонија“ во Грција на патиштата кои водат кон земјава е лесно прашање, рече денеска грчкиот министер за транспорт и врски, но беа да прецизира кога тоа ќе се случи. Кристос Спирцис вели дека постојат европски, меѓународни прописи за патните табли и каде што треба ќе се стави табла со името на државата, а на други места ќе се постави името на градот кон кој води патот.

„Кога таблите го покажуваат градот не можеме да го ставиме името на државата, бидејќи ќе има некои неубави реакции… Така што не не загрижува многу промената на таблите со имињата.  Како што ќе бидеме натажени што после поставување на таблите одредени луѓе, кругови ќе се обидат да ги уништат“, рече Кристос Спирцис, министер за транспорт и врски на Грција.

Но ако менувањето на таблите на патиштата не се проблем, аеродромот во Солун останува со името „Македонија“.

„Нема шанса да се смени на аеродромот во Солун“, вели Кристос Спирцис, министер за транспорт и врски на Грција.

Спирцис кој денеска имаше работна средба со својот македонски колега Горан Сугаревски информираше дека двете страна брзаат да потпишат неколку договори за соработка во патниот, железничкиот сообраќај, авионскиот, но и во делот на инфраструктурата, пред посетата на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, на Северна Македонија, најавена за две недели.

На средбата било разговарано за патна и железничка инфраструктура меѓу двете земји со фокус на рехабилитација на преостантиот дел од пругата на Коридорот 10. Сугарески информираше дека се подготвува и спогодба за регулирање на железничкиот граничен сообраќај, со што ќе се овозможи спроведување на инспекција на полицијата, царината и на другите инспекциски служби на едно место. На преминот кај Гевгелија заедничка гранична зграда би била лоцирана во Гевгелија, додека на преминот Каменица зграда би била на грчката страна.

Од грчка страна  беше кажано дека таа активно ќе лобира ЕУ за отворање на нови европски фондови за финансирање на инфраструктурни проекти во земјава.

 

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ