За грчките медиуми решението за името е во рацете на Заев и Ципрас

Контрастот помеѓу вчерашната кратка изјава на медијаторот Нимиц, и должината на средбата со министрите Димитров и Коѕијас, како и фактот дека двајцата преговарачи не дадоа изјави, туку понесоа нови брифинзи до премиерите Заев и Ципрас, говори дека вчера имало некакво поместување во преговорите.

Нимиц ги изложи контурите, разговорите биле жестоки, сериозни, но била завршена и нешто позитивна работа.

Оттука, делува реална оценката дека решението е во рацете на Заев и Ципрас, кои на 17 мај ќе се сретнат во Софија, како продолжение на обидите да се изнајде решение за спорот со името. Заев во април годинава изјави дека кога јавноста ќе чуе најава за нивна нова средба, тоа би значело дека има шанси да се постигне достоинствено решение за државата.

На оваа линија денеска се и грчите медиуми, каде дел од насловите гласат: „Во рацете на Заев и Ципрас е палката за скопското прашање“, „Средбата Ципрас – Заев: Нов прозорец за решение“.

Во дел од коментарите, според грчката државна телевизија ЕРТ, средбата на Коѕијас и Димитров со Метју Нимиц, во траење од шест часа, доведе до поклопување на позициите и го отвори патот за средба на двајцата премиери.

Коментарот пак на централните вести на телевизија Алфа пак е дека доколку немаше напредок во разговорите, немаше да се закаже средбата на двајцата премиери.

Слични, нешто поколоритни се и ставовите на останатите медиуми:

„Во рацете на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев поминува следниот круг преговори за скопското прашање. Коѕијас и Димитров во сенка на храмот на Посејдон во Сунио ги доведоа преговорите во крајната фаза и сега клучните одлуки се пренесуваат на највисоко ниво“, објави телевизијата Антена.

„Палката за решавање на името веќе е во рацете на премиерите на Грција и ПЈРМ, по средбата на министрите за надворешни работи на двете земји со Метју Нимиц. Разликата и понатаму е за ерга омнес, додека пак во изминатите часови се чини дека на преговарачката маса се наоѓа конечниот предлог на Скопје“, напиша Та Неа.

Та неа вчера пишуваше дека на маса е сценарио за решение во рок од две години, за Макеоднија да го имплемнтира ерга омнес, преку уставна ревизија.

Денеска се огласи и грчиот претседател Прокопис Павлопулос  кој истакна дека евентуалниот договор меѓу Македонија и Грција треба да му претходи уставна промена и потенцираше дека тоа не било грчко барање, туку барање „што се однесува на Европската унија, на европското законодавство и на почитувањето на тоа што генерално значи меѓународно законодавство“.

„Пред да стапи во сила договорот и пред да се комплетира содржината, потребно е да има претходна ревизија на Уставот на нашата соседна земја, на поранешната југословенска Република Македонија, затоа што, ние Европејците што го имаме овој демократски менталитет не можеме да замислиме дека една земја прифаќа, тоа треба да го направи и поради почитување на нејзиното уставно законодавство, не можеме да замислиме дека една земја, доаѓа и потпишува Меѓународен договор, се обврзува меѓународно, прекршувајќи го нејзиниот Устав“, кажа Павлопулос.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ