
За една недела осуммина починале од компликации – грипот го достигна пикот
Една недела, а осум починати од грип. Во просек по една жртва секојдневно. Тие се заразиле со вирусот кој се пренесува лесно – преку воздух, со кашлање или кивање. Најмладата жртва е дете на 12 години кое боледувало од церебрална парализа. За нејзината смрт и за уште еден починат повозрасен човек, од Институтот до сега веќе објавија.
„За две од жртвите коишто починале од компликации предизвикани од грип јавноста веќе знаеше, а останатите шест се дел од вкупната бројка на осум смртни случаи коишто денес во извештајот ги собраа од Институтот за јавно здравје.“
Епидемиолозите од Институтот ги анализирале сите случаи одделно и откриле дека речиси сите од пациентите редовно оделе на контрола кај лекар заради други хронични болести.
„Најчесто дијабетес, потоа различни коронарни заболувања, кардиомиопатии. Речиси кај повеќето има хронични опструктивни белодробни заболувања, астма. Кај еден пациент имаме хронично нефролошко заболување, значи заболување на бубрезите“ кажа Д-р. Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.
Кога болните од грип се јавиле на лекар со вирусот, нивната здравствена состојба веќе била многу комплицирана. Лекарите не успеале да ги спасат. Најголем дел од осумте починати се повозрасни.
„Само едно детенце е на возраст од 12 години и една млада жена на 26 годишна возраст. Кај нив се работи за претходно постоење на церебрална парализа. Додека пак, останатите сите се над 60 годишна возраст и со различни коморбидитети“ кажа Д-р. Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.
Епидемиолозите потврдија дека вирусот на грип го достигнал пикот во изминатата недела. Но, предупредија дека е можен нов бран на заразата затоа што големо влијание за тоа имаат временските услови.
Петар Догов