За една година ќе се знае кои се вистинските газди на фирмите

Газдите на фирмите под лупа на државата и засилена контрола, нема веќе да има компании со скриени сопственици. Точно ќе се знае кој е газда на некоја фирма, и дали е само на таа, или има удели и во други компании. Фирми регистрирани на Белизе, на пример, нема да можат повеќе да се регистрираат и да функционираат под сомнителен параван. Но тоа ќе почне да важи дури после една година, од октомври 2020 земјава ќе добие Регистар на вистински сопственици, тој ќе биде јавен и ќе важи и за фирмите, и за физичките лица. Тоа е обврска на Централниот регистар од Законот за спречување на перењето пари и финансирање тероризам, а клучната цел е да се следи трагата и да се спречи перењето на парите, да не може заради незаконски цели да се префрлаат средства од една на друга компанија.

  • Ќе треба при иницијалната регистрација секое физичко лице да дава изјава, во која тој изјавува дека нема удели или други субјекти на негово име. Но тука не завршува целата постапка, само за новите, туку ќе треба и старите да поднесат такви изјави во Управата за финансирање тероризам, каде изјавуваат дека немаат никакви удели во други субјекти“, вели Марија Бошковска-Јанкоски, директорка на Централниот регистар.

На фирмите ќе им се даде времески рок до кој треба да ја достават соодветната изјава дали имаат илчи немаат удели.

Вакви регистри веќе наголемо функционираат во развиените европски држави. Во моментов, заедно со Управата за финасиско разузнавање и финансирање тероризам, кај нас уште се работи на Правилникот и на другите мерки што треба да се преземат.

  • Дозволете да го доработиме правилникот, да може конкретно да се стави на тест околина, и ќе видиме што навистина ќе значи во реалноста на земјава Регистарот на вистински сопственици. Тој е согласно ЕУ директивите за спречување на перење пари и финансирање тероризам“, вели Бошковска-Јанкоски.

Во 2014 година биле направени измени на Законот за спречување на перењето пари, со кој функционерите биле изземени, но со новиот закон кој Владата го донесе во јуни годинава, проширен е опсегот на именувани функционери врз кои ќе се применуваат зајакнати механизми и проверки за можноста за перење пари.

 

Нина Нинеска Фиданоска

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ