За еден ден дуплиран бројот на заболени во Куманово- општинскиот штаб и натаму бара карантин

Куманово за еден ден од 24 заразени го дуплираше бројот на заболени од корона откако денеска се потврдени уште 23 нови случаи и уште еден починат.  Почина 45-годишен кумановец, жител на населбата Перо Чичо позната и како Банево Трло, во истата наслеба каде живее и премиерот Оливер Спасовски. Сега во Куманово има вкупно 47 заболени и двајца починати од корона вирусот и градот по број на заразени го „стигна“ Дебар.

Кризниот штаб во општината и натаму бара карантин за градот, повторено е денеска на состанокот на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Последните десетина дена локалната власт бара карантин да биде прогласен од владата.

Штабот бара и МВР да ги контролира банките и поштите каде се подигаат пари, а каде вчера беа регистрирани големи гужви. Денеска поучени од негативните критики, пред банките во центарот на Куманово беа забележани редови со растојание од по два метри меѓу клиентите, најчесто пензионери.

Кризниот штаб ги затвора и пазарите во Куманово, а од станбените домари бара секојдневно да спроведуваат дезинфекција во зградите кои ги одржуваат.

Мерките кои ги предлага општинскиот штаб се следните:

-Се задолжуваат стамбените домари (Вектор плус, Стамбен домар, Стамбен сервис, Проект 142) да вршат дезинфекција на стамбените згради за кои имаат договор за одржување секој ден и хигиената да ја држат на задоволително ниво, а  пумпи за дезинфекција ќе добијат од Општински штаб за заштита и спасување

-Се задолжува ЈП Пазаришта Куманово да ги отвори зелените градски пазари за потребите на граѓаните да можат да се снабдуваат со прехранбени стоки и земјоделски производи. Тоа да се одвива под посебен режим на работа во деновите вторник, четврток и недела со работно време од 08:00 до 14:00 часот. Во тој период да се воведе задолжителна редарска служба. Купувачите да се контролираат и да носат заштитни маски, а продавачите ракавици и заштитни маски. Да се почитуваат препораките на Владата за држење минимум растојание од 2 метри помеѓу купувачите и продавачите и купувачите меѓусебе. По завршување на работниот ден задолжително да се дезинфекцира  целата површина на пазарот. Напомена: Градските пазари ќе се користат исклучиво за продажба на земјоделски производи и прехрамбени продукти.

-Општински кризен штаб ја задолжува Општина Куманово да отвори шест пунктови за дезинфекција на возила и во најкус можен рок и дополнителни по потреба за целосно покривање на територија на Општина Куманово. Бараме од МВР да обезбеди асистенција на самите пунктови

-Општински кризен штаб ја задолжува Општина Куманово да достави дополнителна количина на гориво по барање на ЈП Чистота и зеленило кое ќе се користи во постапка за дезинфекцирање

-Препорака до МВР редовно да ги контролира банките, пошта и сите места каде се врши исплата на плати и пензии и да се почитува препораката за држење на растојание помеѓу граѓаните на најмалку 2 метри

-Општински штаб за заштита и спасување и понатаму стои на став дека е потребен целосен карантин на територија на Општина Куманово.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ