За Диво Насеље и за крвавиот четврток, Агенцијата за разузнавање подготвила обемни анализи за улогата на своите агенти и ги пратила во обвинителство, открива директорот Муслиу

Агенцијата за разузнавање не била искрена кон обвинителството за кумановските настани, а нејасна е причината зошто агенти на АР контактирале со припадници на терористичката група од Диво Насеље, објаснува директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу во неделното интервју на Радио Слободна Европа на македонски јазик. Покрај тоа според Муслиу откриени се и пропусти за 27-ми април кога беше крвавиот четврток, вели Муслиу. За двата настани подготвени се обемни анализи и се предадени на обвинителството, изјави директорот на АР за РСЕ.

-Двата настани се всушност две темни дамки во поновата историја на нашата држава, но и две горки искуства за нашиот состав и раководењето со Агенцијата. Веднаш по моето именување, ние внатре во Агенцијата седнавме, разговаравме и одлучивме да формираме соодветни Комисии со задача да ја утврдат фактичката состојба од аспект на улогата на Агенцијата во двата настани. Констатиравме серија непрофесионални постапки и однесувања кај претходните директори. Работеле само со за нив доверливи лица, без да ги информираат и вклучат непосредните сектори задолжени по проблематика, изјави Муслиу.

-По однос на „Кумановскиот настан“, морам да го кажам ова, констатирана е неискреност кон Јавното обвинителство. За мотивите на групата јасно е дека преовладувал политичкиот мотив за ангажирање на припадниците, иако се спомнува и финансискиот момент. Нејасна е причината за контактите на оперативците со водачите на вооружената група, односно недостасуваат информации за нападот во Гошинце и упадот на групата во урбаниот дел на Куманово. Но, добро е што јавноста ја разбра новата реалност во Агенцијата, односно автономноста и објективноста во нашето работење, па почнавме да добиваме нови информации кои за Агенцијата претходно беа непознати. Сепак, сметам дека одреден дел од потребните сознанија за да го комплетираме целиот случај се наоѓаат кај некои од осудените. Не исчезнаа сите тајни со загинувањето на двоецот Ризај и Ндрецај. Немам сомнежи за нивната смрт, туку сакав да кажам дека со самиот чин на нивно загинување не заминаа сите тајни. Не биле само тие двајца коишто имале контакти со службите за безбедност, рече Еролд Муслиу, директор на Агенцијата за разузнавање во интервју за РСЕ.

-По однос на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година, направени се грешки во раководењето и селекцијата на оперативците кои биле ангажирани. Најнапред е нејасно зошто била инволвирана Агенцијата и нејзини припадници во настани од надлежност на органите за јавен ред. На терен биле испратени припадници со минимално работно искуство во Агенцијата или со штотуку положен приправнички испит. Биле испратени на терен без јасна цел и оперативна подготовка, односно требале да идентификуваат странско присуство на субјекти за кои нема идентитет, опис или фотографија. Најбитно е дека ние нашата работа ја завршивме. По однос на двата настана, Агенцијата достави две обемни анализи кои се предадени на јавното обвинителство. Со оглед на фактот што сме опфатени од пандемијата на ковид-19, очекуваме средба со јавното обвинителство по однос на овие настани да видиме како Агенцијата ќе може да помогне во расветлувањето на овие случаи, истакна Муслиу.

Во време на кумановските настани директор на АР беше актуелниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. Тој во интервју за КОД на ТВ Телма вели дека кога се планирала и изведувала акцијата во Диво Насеље ниту тој ниту АР не биле известени и информирани.

-За време на акцијата во Диво Насеље ниту јас ниту еден припадник на АР не беше известен за почетокот на акцијата, а и не учествуваше во оперативниот штаб на МВР. Дополнително по барање на обвинителството доставивме околу 200 страници материјал, службен материјал, истакна Чулев во интервјуто објавено на 15.03.2020.

На прашањето до Чулев дали и зошто се среќавале и контактирале агенти на АР со припадници на групата за што беа објавени и снимени телефонски разговори, тој вели дека информациите се собираат по сите протоколи.

-АР презема секаков вид на разузнавачко-оперативни и истражувачки активности со цел добивање на информации. Вклучитено и информации со директен пристап до разузнавачко корисната средина. Ние како АР имаме метод за прибирање информации за кои се користат прецизни упатства и насоки. Обвинителството која ја водеше истрагата не најде пропусти, изјави во март Чулев.

Од друга страна актуелниот директор Муслиу на прашањето на РСЕ за тоа дали оперативците вмешани во Диво Насеље и 27-ми април се уште се на работа во АР вели дека дел не се веќе припадници на Агенцијата.

-Од оние кои биле вклучени во раководењето, давање инструкции и оперативното постапување на терен, поврзано со „Кумановскиот настан“ можам да кажам дека денес неколкумина од нив не се веќе припадници на Агенцијата, а тогашниот директор сега е министер за внатрешни работи. По однос на насилниот упад во Собранието, како што знае и јавноста, имаме еден осуден припадник на Агенцијата, други кои биле ангажирани веќе не се дел од нашиот состав, а тогашниот директор истотака (н.з Зоран Иванов, сменет по доаѓањето на Претседателот Стево Пендаровски и вратен во военото разузнавање по што дава отказ и заминува во Турција како факултетски професор) веќе не е дел од армиско безбедносниот состав, изјави Муслиу, директор на АР.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ