
За десет години помалку од 2 илјади инспекции за употреба на Mакедонскиот јазик
Помалку од 2 илјади инспекции за десет години извршиле инспекторите за култура кои се грижат за примената на Mакедонскиот јазик. Од 2008 до 2018 година издале 843 решенија со наредба, во определен рок, објавените текстови задолжително да се лекторираат на македонски литературен јазик и неговото кирилско писмо. Поведени се 92 прекршочни постапки до судовите, а во само еден случај е донесена пресуда за глоба врз одговорно лице во општина.
Информацијата ја добивме од Министерството за култура, каде само неколкумина инспектори се задолжени за надзор на спроведувањето на Законот за Mакедонски јазик. Од Министерството за култура, пак, тврдат дека, малиот број на пријави е резултат на фактот што состојбата во оваа област се подобрува.
Но, од Советот за Mакедонски јазик, веќе на следната седница ќе бараат извештај од инспекторите за нивната работа, затоа што се убедени дека мора да се води повеќе сметка за јазикот.
Овој Совет неодамна обелодени и дека е многу намален интересот за студирање на катедрите по македонски јазик, за што се наведуваат повеќе причини, почнувајќи од основањето на катедри на сите универзитети, преку воведувањето на приемен испит, па се до иселувањето. Спасов вели дека, новиот Инспекторат што ќе се формира согласно Законот за употреба на јазиците, треба да води сметка и за употребата на Mакедонскиот јазик и на јазиците на другите заедници, не само на албанската. Начелата и надлежностите на тој Инспекторат ќе се утврдуваат со посебен закон.
Ќе се формира и Агенција, во која од владата сега тврдат дека нема да има нови вработувања, туку ќе се прераспоредуваат лица што се веќе вработени во нивните секретаријати. Тврдат и дека, нема да има дополнителни вработувања ниту во општините каде Албанците се помалку од 20 отсто.
Законот предвидува, во Агенцијата да се вработат судски преведувачи, лингвисти, дипломирани филолози по албански јазик, како и лектори.
Далиборка Дамјанска Цветановска