
За дел од болните од рак во Битола нема хемотерапија
Дел од пациентите болни од рак во битолската Клиничка болница останаа без потребната хемотерапија, се пожалија денеска од „Лигата за борба против ракот“, здружение што ги штити правата на овие заболени лица. Некои се принудени сами да ги набавуваат лековите, а оние пак што не се во поволна финансиска состојба, остануваат без потребната терапија, велат од ова здружение. Побараа здравствениет власти итно да најдат решение за надминување на ваквата ситуација.
-Пациентите често се упатуваат сами да си ги набавуваат лековите. Овие лекови се многу скапи, оние што имаат финансиска можност ги набавуваат и потоа ги рефундираат средствата преку Фондот. Оние што немаат пари, чекаат по неколку месеци, со тоанизното здравје с езагрозува, а се зголемува и бројот на смртни случаи., изјави Стојан Стојановски од Лигата за борба против ракот од Битола
Од битолската болница велат дека проблемот настанал поради лошото планирање, односно потребите од оваа терапија се поголеми од набавениот лек со тендерот од минатата година. Следната набвака со новиот тендер ќе може да се направи во август, а во меѓувреме проблемот е решен со позајмица од Клиниките во Скопје, со што пациентите ќе ја примат терапијата наредните денови.
-Последниот тендер беше направен за време на претходниот менаџерски тим, испланирани биле 360 ампули кои биле потрошени во првите 6 месеци. Овој менаџерски тим го согледа проблемот и веќе од понеделник пациентите ќе ја имаат потребната терапија, изјави Сузана Коневска портпарол на Клиничка болница Битола.
Колку заболени од рак има во Битола нема точни статистички податоци, но, според информациите од Центарот за јавно здравје, бројот на малигни неоплазми е во постојан пораст, а годишно во Пелагониксиот регион од ова тешко заболување умираат околу 380 болни.
Емилија Мисиријевски