
За да нема злоупотреби со екстра лесното – Владата ги заострува условите за трговија со нафта
Владата ги заострува условите за добивање лиценци за увоз и дистрибуција на гориво во земјава, свесна за големите злоупотреби кои досега ги вршеа одредени компании, продавајќи го екстра лесното масло за домаќинствата како дизел на бензинските станици. Нивиот закон за енергетика ќе ги реши тие проблеми, најавува вицепремиерот Анѓушев.
„Сведоци сме на големи злоупотреби околу избегнувањето на плаќањето на давачките кон државата и увезувањето на екстра лесното гориво, кое потоа завршува на бензиснските пумпи и се продава како дизел гориво. Тоа мораме да го сузбиеме. Практично, државата губи значителни средства од таа причина. Новиот закон за енергетика ќе ги заостри условите за тоа кој се може да биде увозник и дистрибитер на гориво во Македонија и ќе ги изедначи со она што значи стандарди во Европската унија“, вели Анѓушев.
Инаку, за дизелот акцизата е 15,4 денари, додека за маслото за домаќинство таа е 6,3 денари.
Злоупотребите повеќе нема да може секој да ги прави, тврди вицепремиерот.
Вчера основното обвинителство за гонење организиран криминал оформи предмет, по допрен глас, за злоупотреба и затајување на данок при увоз на дизел.
„Не е во моментов проблемот со плаќањето на акцизата, тоа и понатаму ќе си остане. Проблемот е штѕо тие кои што не плаќаат акциза и го декларираат како екстра лесно, потоа го продаваат во бензинските пумпи како дизел гориво, а притоа ја наплаќаат целата цена од граѓаните, и со тоа го оштетуваат и буџетот и граѓаните. Ние тоа сме посветени да го стопираме, практично тоа е и сега активноста на обвинителството, тоа се разбира, си работи и дејствува независно“, вели Анѓушев.
Сега се потребни од 50 до 100 метри кубни капацитет за складирање за да се добие лиценца за трговија со нафта на големо, но со новиот закон кој би требало да се изгласа кон крајот на февруари, овој капацитет значително ќе се зголеми, и ако не може да се изедначи, барем ќе се приближи до европските правила.
И додека дизелот содржи 10 ППМ сулфур, екстра лесното има дури 1000, што значи дека е исклучително голем загадувач на животната средина, особено кога незаконски се користи како дизел гориво.
Во многу држави екстра лесното гориво за домаќинствата е веќе и целосно исфрлено од употреба.